1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пресврт во судскиот процес против Абдул Рахман

27 март 2006

Судот вчера привремено го прекина судскиот процес и го врати случајот на Државното обвинителство поради наводни формални грешки во обвинението. Судијата Ансарула Мавлавизада не сакаше да каже за какви грешки станува збор.

https://p.dw.com/p/Ae2p
Судијата на Врховниот суд на Авганистан Ансарула Мавлавизада
Судијата на Врховниот суд на Авганистан Ансарула МавлавизадаФотографија: AP

Многубројните меѓународни протести поради судскиот процес против Абдул Рахман од надвор гледано не го трогнале ни малку судијата Ансарула Мавлавизада. Неговиот суд нема да попушти под притисокот на западните влади, порача Мавлавизада. Дури ни апелот на Папата Бенедикт 16-ти за помилување на 40-годишниот Авганистанец, кој преминал во христијанска вера, не остави голем впечаток врз судијата. Но, како и да е, со ваквата одлука за враќање на предметот на Јавното обвинителство, судијата си обезбеди мала пауза.

Протестите од странство го ставија во многу тешка позиција пред се‘ Претседателот на државата Хамид Карзаи. Од една страна луѓето во Авганистан бараат пресуда на Рахман, а таа според исламското право би можела да биде и смртна казна. Од друга страна владата на Карзаи е во голема мера зависна од странската помош и присуството на меѓународните заштитни сили.

Абдул Рахман би можел да ја одбегне смртната казна и така што би бил прогласен за непресметлив. Според најавите денеска треба да биде прегледан од надлежен психијатар. Обвинителството уште минатата недела најави дека се сомнева оти обвинетиот е доволно пресметлив. Тој пак со сите сили се бори против оценката дека е психички лабилен. За италијанскиот весник „Ла Република„ дури изјавил дека е подготвен да умре за својата нова вера, ако тоа Бог го сака. Претседателот Хамид Карзаи во секој случај нема да дозволи тоа да се случи. Според уставот на Авганистан тој има право на помилување и Карзаи веќе во повеќе наврати им вети на западните политичари дека ќе го искористи тоа право.