1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пресуда на Европскиот суд за ОМО Илинден

18 октомври 2011

Европскиот суд за човекови права во пресудата донесена денеска (18.10.2011) констатира уште еднаш дека Бугарија и понатаму продолжува со праксата за забрана на собири на македонското малцинство во земјата.

https://p.dw.com/p/12uVG
Европскиот суд за човекови права во СтразбурФотографија: AP

Станува збор за петте нови случаи: ОМО Илинден против Бугарија (бр.2) (предмет број 34960/04), Сингартиски и другите против Бугарија (предмет број 48284/07), ОМО Илинден и Иванов против Бугарија бр.2 (предмет број 37586/04) и ОМО Илинден-Пирин и другите против Бугарија бр.2 (предмет број 41561/07 и 20972/08).

Во пресудата на Европскиот суд, донесена едногласно се вели дека имало три повреди на членот 11 на Европската конвенција за човекови права, со кој е гарантирана слободата на собирање и здружување, со тоа што Бугарија одбила да го регистрира здружението ОМО Илинден и што не дозволила одржување на голем број на мирни собири на поддржувачите на тоа здружение, исто како и собирите на сестринската организација ОМО Илинден-Пирин, како и нивните регистрации.

Слобода на здружување

Според судот од Стразбур, Бугарија не направила дискриминација со тоа што одбила да ја регистрира политичката партија ОМО Илинден-Пирин, но ја прекршила слободата на здружување.

Ова се однесува на повторното барање за регистрација на партијата на македонското малцинство во Бугарија, откако претходно Бугарија беше осудена во Стразбур поради поништувањето на регистрацијата. Бугарија во меѓувреме го измени законодавството, што и’ дозволи да ја избегне новата осуда во Стразбур.

Mazedonier aus Bulgarien protestieren in Straßburg
Од протестот на македонците од Бугарија пред зданието на Судот во 2009 годинаФотографија: DW

Во пресудата се дава образложение на настаните од 1990 до 2008 година, кога на повеќе наврати собирите на двете македонски организации во Бугарија беа попречувани, а во 2000 година и поништувањето на регистрацијата на ОМО Илинден-Пирин.

Повикување на претходни пресуди

Во пресудата се нагласува дека Судот од Стразбур и во претходните пет пресуди од 2001, 2005 и 2006 година порачал оти мотивите, на кои се повикуваат бугарските судови за да не ги регистрираат македонските здруженија не се доволни за да се одбие нивната регистрација. Имено, бугарските судови оценија дека ОМО Илинден и ОМО Илинден-Пирин се залагале за сепаратизам, што не е доволна мотивација. Малиот број на членови на партијата, според Судот од Стразбур, исто не е доволна причина за да се одбие регистрацијата. Иако одлуката на Врховниот суд на Бугарија била легална, таа била во контекстот на залагањата на локалните власти од регионот на Пирин да го спречат организирањето и собирањето на партијата и другите организации на Македонците. Судот од Стразбур пресуди дека Бугарија треба да им исплати на секој од жалителите во предметите по 9.000 евра за морална отштета и 1.443 евра за судски трошоци.

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Горан Чутаноски