1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Претседателот сепак зел кредит од бизнисменот?

21 декември 2011

Расте притисокот врз германскиот претседател Кристијан Вулф околу аферата со приватниот кредит во висина од половина милион евра и повеќе патувања во гости кај пријатели-успешни претприемачи.

https://p.dw.com/p/13Wr5
Претседателот Кристијан ВулфФотографија: dapd

Бизнисменот Егон Гееркенс, според адвокатот на Кристијан Вулф, учествувал во преговорите околу приватниот кредит за германскиот претседател. Адвокатотот на германскиот претседател меѓутоа појаснува дека иницијативата за приватниот заем потекнувала од сопругата на претприемачот, Едит.

Egon und Edith Geerkens Kreditgeber Christian Wulff Bundespräsident
Егон и Едит ГееркенсФотографија: picture-alliance/dpa

Егон Гееркенс бил вклучен и во барањето соодветна куќа за брачната двојка Вулф „врз основа на стручноста и пријателските врски“, вели адвокатот Гернот Лер во соопштението за весникот „Ди Велт“.

Германскиот претседател Кристијан Вулф е изложен на голема критика во германската јавност поради купување на куќа во Хановер во 2008-ма година, во време кога извршуваше висока политичка функција, покраински премиер на Долна Саксонија, преку приватен кредит од, како што тврди денес претседателот на Германија, сопругата на бизнисменот Гееркенс. Претприемачот Гееркенс за неделникот „Шпигел“ лично изјави дека тој преговарал со Вулф и размислувал за модалитетите на трансакцијата. На прашање на Партијата на зелените во покраинскиот парламент во Хановер мината година дали Кристијан Вулф имал деловни врски со Гееркенс или неговите фирми, Вулф негираше.

Спонзорирање на книгата на претседателот

Германскиот претседател се најде под притисок и поради тоа што деновиве беше обелоденето дека познатиот германски претприемач Карстен Машмајер ја платил сметката за реклама за книга - интервју со Вулф во висина од речиси 43.000 евра со негови приватни средства. Кристијан Вулф тврди дека не знаел за тоа.

Во меѓувреме државното обвинителство во Хановер проверува четири тужби против германскиот претседател, поврзани со приватниот кредит во висина од 500.000 илјади евра и повеќе патувања, при кои Вулф како покраински премиер престојувал во гости кај пријатели-бизнисмени.

Christian Wulff und Carsten Maschmeyer
Кристијан Вулф и Карстен МашмајерФотографија: dapd

Поддршка од партиите на Унијата

Во меѓувреме претседателот доби поддршка од високи членови на неговата партија. Министерот за одбрана Томас де Мезие изјави дека има целосна доверба во претседателот Кристијан Вулф. Во овој случај нема цврсти докази, изјави Де Мезие за „Берлинер цајтунг“. Министерката за заштита на потрошувачите од сестринската Христијанско-социјална унија, Илзе Ајгнер, побара крај на дебатата. Додека Патрик Деринг, идниот генерален скретар на Либералите, во врска со финансирањето на книгата смета дека обвинувањата се беспредметни: „Само ако некој извика пожар, не значи дека навистина гори“. Опозиционите Социјалдемократи пак го опоменаа претседателот Кристијан Вулф да се заложи за расветлување на аферата.

Вчера попладне требаше да се одржи и седница на Советот на најстарите членови на покраинскиот парламент на Долна Саксонија. Седницата беше прекината бидејќи пратениците од владејачките редови и опозицијата не можеа да се усогласат дали Советот е надлежен да расправа по ова прашање.

Автор: АТ/ ЖА/ дапд/ ард

Редактор: Жана Ацеска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема