1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Претседателските кандидати - заложници на одлуката за парламентарни избори

Катерина Блажевска27 јануари 2014

Додека не се донесе одлука дали во пакет со претседателските во Македонија ќе се одржат и парламентарни избори, ниедна партија нема да го соопшти името на својот претседателски кандидат.

https://p.dw.com/p/1AxaM
Фотографија: Robert Atanasovski/AFP/Getty Images

Кој подолго ќе успее да издржи без воздух со главата под вода? На ваква игра наликува тактизирањето на најголемите политички партии во молкот за имињата на кандидатите за претседателските избори во Македонија. За аналитичарите не е спорно дека станува збор за јасна петрификација на анахрони методи на меѓупартиски надмудрувања, кои во својата „игра на нерви“ забораваат дека ги потценуваат гласачите, со тоа што не им овозможуваат навреме да се запознаат со кандидатите и нивните програми. Повеќе политиколози кои ги консултираше Дојче веле имаат речиси идентичен став: Ако претседателот го избираат граѓаните, имињата на претседателските кандидати треба да се знаат многу порано, за граѓаните да имаат време за анализа и споредба на нивните индивидуални карактеристики и промовирани концепти, со цел тие без притисок на времето да поминат низ оценувачкиот филтер на електоратот. Вака, се добива впечаток, дека не е важно што мислат граѓаните и колку време имаат за анализа, туку како ќе се организираат и делуваат партиските машинерии.
Се‘ зависи од консензуалниот кандидат

Иако тоа јавно не го потврдуваат, партиите кои се надвор од владејачката коалиција неофицијално признаваат дека тактизирањето се должи на фактот што не знаат дали ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ ќе се договорат да настапат со консезуален, односно кандидат прифатлив за електоратот на двете најголеми етнички заедници.

„Ако не се договорат за консензуален кадидат, тогаш албанскиот електорат ќе нема мотивација повторно да оди на 'свадба без невеста', како што од ДУИ ја нарекуваат нивната позиција на 'заднинска сценографија' при изборот на претседател на државата. Во тој случај, поради недостиг на мотивација, се заканува реална можност да не биде исполнет цензусот, па мобилизацијата на гласачкото тело ќе мора да се обезбедува со предвремени парламентарни избори. Затоа, додека не се разјасни дали ќе има само претседателски или тие ќе бидат во пакет со парламентарни избори, ниедна партија нема да го објави претседателскиот кандидат“, вели лидер на една од помалите партии. Ваквиот став доминира и кај поголемите иако официјално презентираат други причини. Заменик-претседателката на СДСМ, Радмила Шеќеринска, молкот го оправдува со важноста на дефинирањето на изборните правила.

Kommunalwahlen in Mazedonien
Фотографија: MIA

„Неизвесноста околу изборните правила и избирачкиот список ја одложија одлуката околу опозицискиот кандидат за претседател. Ќе беше невозможно да се издејствуваат промените на Изборниот законик кои значеа примена на препораките на ОДИХР, ако кандидатската постапка финишираше претходно“, тврди Шекеринска.
Но, сега кога изборните правила се договорени, и оваа партија ја чека одлуката - дали ќе се оди и на парламентарни избори. Од истите причини и Граѓанската опција на Македонија (ГРОМ) на Стевчо Јакимовски, го одложи соопштувањето на претседателскиот кандидат, кое претходно беше децидно најавено за 15 јануари.

Трај-прај“ политика

Во владејачката колалиција засега најголем консензус постои по прашањето на заеднички молк за нивните изборни разговори, што дури и во провладините медиуми беше критикувано како „трај-прај политика“. Иако раководствата на двете партии тврдат дека не разговараат за парламентарни избори, а ДУИ и постојано нагласува дека тие не се потребни, според собраниски извори, дури и без паријата на Ахмети има мнозинство кое би гласало за распуштање на Собранието. Но, во моментов, наводно, двете партии се фокусирани само на можноста за избор на заеднички прифатлив претседателски кандидат. Од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека на никаков начин не е загрозен процесот на запознавање на граѓаните со изборната понуда.

„Не ги потценуваме гласачите. ВМРО-ДПМНЕ си има своја утврдена партиска процедура за избор на кандидат и за неа навреме ќе гласаат околу 1.500 делегати на партиска конвенција. Кандидатот на кој тие ќе му дадат најголема доверба, ќе има доволно време во кампањата да се претстави себе си и својата програма“, вели Илија Димовски, пратеник и директор на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ.

Но, зошто досега не е одржана конвенција? - праша на својот фејсбук -профил, Јове Кекеновски, член на оваа партија, кој уште пред два месеци ја најави својата кандидатура.

„Ако раководството на ВМРО-ДПМНЕ предложи некој кандидат на самата конвенција или евентуално пред одржување на конвенцијата, или пак ако цврсто застане зад некој од кандидатите, тоа во старт ќе значи негација на демократската процедура и демократскиот капацитет на партијата и нарушување на принципот на еднаков третман на останатите кандидати. Во тој случај ќе нема потреба од одржување на конвенција. А, оваа партија тоа не може и не смее да си го дозволи. За да ја оправда придавката демократска, раководството на ВМРО-ДПМНЕ не би требало ниту јавно, ниту пак тајно, ни на каков било друг начин да дава иструкции и да протежира одреден кандидат, туку треба да ги остави делегатите, секој по свое сопствено убедување и уверување, да го даде својот глас за најдобриот кандидат. Јас лично сакам да верувам во демократскиот капацитет на ВМРО-ДПМНЕ“, напиша Кекеновски.

Кој ќе реши?

Лидерот на „Достоинство“, Стојанче Ангелов, кој исто така својата кандидатура ја најави пред два месеца, смета дека и доцнењето со објавувањето на партиските кандидати, покажува дека овие избори ќе бидат еден вид „пресвртница“.

„Во западните демократии практиката налага кандидатите за претседател да се знаат многу порано. Тежнеејќи кон такви стандарди, јас навреме ја најавив мојата кандидатура. Не ми пречи што другите доцнат. Верувам дека македонските гласачи, без разлика кога ќе бидат објавени кандидатите, на крајот ќе знаат да го изберат најдобриот. Но, тактизирањето на двете најголеми партии само ја покажува важноста на овие претседателски избори, односно фактот дека тие ќе бидат еден вид политичка, геополитичка и историска раскрсница или пресвртница за Македонија“, вели Ангелов.

Во тој контекст, се гледа и на денешната посета на заменик-помошникот државен секретар на САД, Хојт Брајан Ји, кој ќе се сретне со премиерот Никола Груевски, министерот за надворешни работи Никола Поповски, како и со лидерите на ДУИ и на СДСМ, Али Ахмети и Зоран Заев.

Според извори во ДУИ, оваа посета е можно да ја забрза одлуката на интегративците дали освен претседателски ќе се решат и за парламентарни избори. Од партијата на Ахмети и претходно брифираа дека посетите на високи делегации од САД и од ЕУ кон крајот на јануари и во почетокот на февруари може значително да влијаат на нивната одлука во однос на одржување на предвремени парламентарни избори.

„Освен аргументите што добиваме, а што губиме, како и анализите на министрите и на директорите за сработеното во изминативе три години, на одлуката за предвремени избори ќе влијаат средбите со високите претставници од САД и од ЕУ, односно дали има готовност за поместување на спорот за името“, вели функционер на ДУИ.

Додека партиите прават исклучиво партиски есап- што губат и што добиваат, нема проценка што губи или добива Македонија која веќе неколку години е во перманентни избори. Според експерти, засега сигурно е дека со спојувањето на двата изборни циклуса ќе се заштеди на трошоци за организација. Потоа ќе следува период од три години без избори, бидејќи следни ќе бидат дури локалните избори во 2017. година. Ако овој март не се одржат предвремени парламентарни избори, нивниот редовен термин е во летото 2015. година.

Освен добивката од заштедата во огрганизацијата, не е пресметана штетата од губењето време на планот на реформите и интеграцијата.