1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Претседателски „Народни канцеларии“ за граѓаните

30 април 2010

Во Скопје се отвори првата „Народна канцеларија“ на претседателот Иванов. Дел од политичките експерти коментираат дека тоа е непотребно, оти на претседателот основен приоритет треба да му биде надворешната политика.

https://p.dw.com/p/NAne
Претседателот Ѓорѓе ИвановФотографија: Petr Stojanovski

Македонскиот претседател Ѓорѓе Иванов денеска во Скопје ја отвори првата, како што е наречена, „Народна канцеларија“. „Блискоста и постојаниот контакт со граѓаните е еден од основните предуслови за создавање и функционирање успешни и одржливи политики. Тоа е она што можеби најмногу им недостасува на голем дел од македонските политичари“ – ова е наведено во образложението на проектот, поместено на официјалната веб-страница на претседателот Иванов. Во следната фаза е предвидено формирање вакви канцеларии и низ поголемите градови во Македонија. За комуникацијата со граѓаните ќе бидат задолжени, главно, волонтери. Повремено, во зависност од неговата агенда, граѓаните ќе имаат можност и за директни средби со Иванов. „Јас немам формална моќ да менувам одлуки, или да влијаам тие да бидат променети, но, во случаи кога ќе стане јасно дека се прекршени правата на граѓаните, или оти институциите не ја вршат својата работа, јас ќе можам да обрнам внимание на тоа,“ кажа Иванов во едно свое јавно истапување во врска со функционирањето на „Народните канцеларии“.

Поделени ставови на експертите

Димитар Мирчев, неговиот советник и професор по политички науки на ФОН Универзитетот во Скопје, оценува: „И во Македонија, како и во многу други европски држави, се одвиваат процеси на осовременување на политичкото комуницирање и, напоредно со тоа, на демократизација на политичкиот живот. Сметам дека нашиот претседател е на линија на тие два процеса: тој е многу посветен на комуникациите со граѓанството и со избирачите, не само неговите, туку со сите. Мислам дека оваа новина ќе се одрази многу позитивно не врз имиџот на претседателот, туку врз извршувањето на неговата уставно определена позиција.“

Колегата на Мирчев и политички аналитичар Мерсел Билјали има поинакво мислење: „Јас мислам дека е најважно да функционира ’централната канцеларија’, а тоа не е така. Институцијата ’претседател на државата’ останува во длабока сенка на премиерот Груевски. Нема потреба за такви комуникации, затоа што надлежностите на Иванов се во друг домен. Тоа е, според мене, само причина да можат да се вработуваат партиски кадри по градовите.“

Mazedonien Land und Leute Residenz des mazedonischen Präsident Vila Vodno in Skopje
Претседателската резиденција на ВодноФотографија: Petr Stojanovski

Мирчев нагласува: „Сигурно е дека има многу луѓе, кои имаат поплаки поради нивната ситуација: на акти на владата, на судски пресуди и слично. Иванов има канцеларија за такви жалби и поплаки, но, друго е кога луѓето самите се изјаснуваат за одредени општествени и политички прашања. Тие сакаат нивниот збор да дојде до израз во политиката и немаат други можности, освен да му се обратат на претседателот. Сега очекувам една многу, многу масовна комуникација, која може да претставува само еден придонес кон развојот на нашиот демократски живот.“

Професорот Билјали е категоричен: „Ингеренциите на претседателот не се однесуваат на секојдневните проблеми на граѓаните: тие проблеми треба да ги решаваат владата и министерствата, а претседателот треба да се фокусира првенствено во надворешната политика, во претставувањето на државата внатре и надвор, треба да се фокусира и во меѓуетничките односи. Тие канцеларии ќе се отворат само од маркетиншки побуди, но реално нема да имаат никаква функција. Во демократските држави се избира претседател со високоморален кредибилитет, а не претседател кој ќе биде послушник на политичка партија, или на една влада. Иванов од почетокот беше предложен како кандидат, кој нема да се идентификува со функцијата ’претседател на државата’. До денес ние немаме ниеден негов изворен став во однос на клучните прашања. Практично, тоа значи како да ние и немаме претседател.“

Професорот Мирчев вака го заокружува својот коментар:

„Сигурно е дека поплаките и жалбите на граѓаните, како и критичките мислења, кои доаѓаат до него, Иванов ги пренесува во владата и на премиерот Никола Груевски. Иванов има воспоставено такви односи. Не постои конфликт и агресивна критичност меѓу него и Груевски, туку еден избалансиран однос, значителна и добра координација и соработка меѓу нив двајцата, што не беше така порано во рамки на извршната власт. Мислам дека тоа позитивно се одразува во внатрешно-демократскиот живот на Македонија и врз нејзиниот имиџ во странство. Улогата на Иванов не е безначајна: еве, кажано од аспект на уставот и споредено со други земји, неговата улога е позначајна одошто улогата на претседателите во некои земји во Средна Европа, кои се, дури, и членки на Европската унија, како што се Словенија, Бугарија и други држави.“

И претседателот на Србија има „Народна канцеларија“

Терминот „Народна канцеларија“ не е непознат во политичката теорија и во политичката пракса. На пример, во Република Србија, како што пишува на официјалната веб-страница на претседателот Борис Тадиќ, таква „Народна канцеларија“ е конституирана на 01.10.2004 година, како „служба која се занимава со оперативни, стручни, советодавни и аналитички работи, со функција, пред се’, како сервис на граѓаните.“ Во реализацијата на своите проекти, како и при решавањето на барањата на граѓаните, „Народната канцеларија“ на Борис Тадиќ соработува со владините институции, со домашните и меѓународните организации и фондации. Во таа канцеларија има 31 вработени лица, кои се распоредени во 4 оддели: оддел за правни работи, оддел за социјални прашања, оддел за проекти и оддел за општи работи. Како што се наведува, „до 31 декември 2008 година ’Народната канцеларија’ на претседателот на Република Србија примила 34.698 претставки, од кои една третина биле решени позитивно.“

Реакции на граѓаните

Во една мини анкета граѓаните на Тетово вака ја коментираат намерата на Ѓорѓе Иванов за поблиски и почести контакти со населението:

Mazedonien Wahl Ivanov
Претседателот Ѓорѓе ИвановФотографија: AP

„Тоа не е лоша идеја“; „Добро е тоа“; „Не е лошо, зошто да не? Врската со граѓаните е многу подобра, отколку што беше досега“; „Претседателот е супер!“; „Контактира нормално.“; „... ама, малку го гледаме преку телевизија, малку го слушаме.“; „Не знам која би била логиката на постоењето на тие ’Народни канцеларии’, но, ќе видиме што ќе испадне од нив.“

Прашање е дали, можеби, „Народните канцеларии“ на Иванов ќе завлезат во дел од компетенциите на народниот правобранител-омбудсманот, или, пак, дали ќе се претворат во „безрезултатни партиски штабови на ВМРО ДПМНЕ, формирани заради политички маркетинг“, како што тоа сомничаво го тврдат дел од македонските блогери на своите веб-страници.

Блогерите и вака ги коментираат проектот на Иванов:

„Наместо ’Народни канцеларии’ подобри би било Иванов да отвора народни кујни, за гладните чиј број расте постојано, благодарејќи на ’генијалната економска политика на неговиот политички промотор и патрон Груевски!“; „На Македонија не и требаат ’Народни канцеларии’, ’народни кујни’, ниту ’школи за лидери’ – уште еден проект на Иванов, туку луѓе со јасна визија и став, како да се реши ќорсокакот во кој влезе земјата, а кој го направи неговиот ментор – Груевски.“

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Александра Трајковска