1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Претставен новиот Боинг „Дримлајнер„

9 јули 2007

Американскиот произведувач на авиони Боинг првпат на јавноста и го претстави новиот авион за долги дистанци „Дримлајнер„ 787. Илјадници љубопитни вчера се собраа во фабриката во близина на Сиетл.

https://p.dw.com/p/BE23
Со голема помпа и голем број нарачки „Дримлајнер„ му беше претставен на светотФотографија: picture alliance/dpa

Во 16 часот и 30 минути по локално време „Дримлајнер„ 787 за првпат го напушти хангарот на Боинг во Сиетл и им беше претставен на соработниците, лиферантите, аналитичарите, политичарите и финансиерите:

Ако се’ се одвива според планот, авионот ќе биде испорачан во мај идната година. Боинг веќе доби околу 680 нарачки. Се’ зборува за успешен старт на „Дримлајнер„, вели Дејвид Причард, авио-експерт од универзитетот Бафало:

„Веќе сега е јасно дека во историјата на авио-индустријата ниту еден авион не се продавал толку бргу„.

Меѓу најновите клиенти е и „Ер Берлин„. На викендот втората по големина германска авио-превозничка фирма нарача 25 авиони од овој тип. Ричард Абулафија од консултантската фирма Тил Груп, специјално допатува во Сиетл за лично да се увери во новото авио-чудо:

„Од големите американски или европски превозници засега се уште нема нарачки. Тоа значи дека Боинг во наредните години би можел да добие повеќе стотици нови нарачки. Повеќе фирми од Европа точно следат што се случува„.

За разлика од другите авиони, „Дримлајнер„ не е направен од алуминиум, туку пред се од полесни вештачки материјали. Тоа значи дека тежи значително помалку од другите машини со што би заштедувал околу 20 проценти гориво. Според Абулафија, Ербас со големиот авион А 380 се најде во погрешен тренд:

„Ербас со А 380 направи голема грешка. Во 2013 година на пазарот ќе го појави А 350, што е многу поветувачка програма. Меѓутоа, веќе потроши многу за А 380. За да се префрли ќе му треба време и пред се многу работа и пари„.

Сепак, и за Боинг остануваат некои прашалници. Досега новиот авион не е тестиран во лет. Никогаш не возел самостојно, туку вчера беше влечен од специјално возило. Првиот тест лет е планиран за наесен, а првите авиони треба да бидат испорачани во мај идната година. Тоа е најамбициозниот план во историјата на комерцијланиот авио-сообраќај, вели Абулафија:

„Боинг има многу амбициозни планови за производство, со намера месечно да продуцира 11 авиони. Никој досега не правел повеќе од 7. Значи тоа би бил нов рекорд„.