1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Tschechien Lissabon-Vertrag

3 ноември 2009

Уставниот суд на Чешка ја отфрли тужбата на евроскептичните сенатори во однос на уставноста на Лисабонскиот договор. На претседателот Вацлав Калус не му останува маневарски простор за одолговлекување на ратификацијата.

https://p.dw.com/p/KMHB
ЕУ и Чешка

Како што се очекуваше, Уставниот суд на Чешка ја отфрли и последната тужба против Лисабонскиот договор. Нејзе ја нарача евроскептичниот претседател на државата Вацлав Клус кај партиските пријатели за да ја пролонгира уште малку повеќемесечната борба за моќ со лидерите на земјите членки. Другите 26 земји веќе го ратификуваа Лисабонскиот договор, Ирска дури мораше да спроведе втор референдум за да стигне до завршниот стадиум. Сега уште претседателот Клаус, кој се забарикадира против цела Европа на Прашката тврдина, мора да го стави потписот за процесот на ратификација да заврши и во Чешка. Впрочем чешкиот парламент уште пролетоска даде зелено светло за реформскиот договор на ЕУ.

Сите аргументи на претседателот Вацлав Клаус, имено дека со Лисабонскиот договор Чешка ќе ја загуби сувереноста, дека ЕУ се претвора во супер- државна форма и дека згора на тоа реформскиот договор отвора простор протераните судетски Германци од времето по Втората светска војна да нагрнат со барања за враќање на имотите во сегашна Чешка - не држат вода. Тие немаат никаква врска со реалноста што ја создава Лисабонскиот договор. Вацлав Калус само ги провоцираше европските лидери, заработувајќи аплауз од противниците на натамошното обединување на Европа. Настапот му беше успешен, ја постигна целта и сега е време да се угасат светлата на бината.

Вацлав Клаус се покажа како успешен политичар. Меѓу другото нему му појде од рака да ја урне чешката влада и да им изнуди на европските политичари уште една вонредна клаузула за Лисабонскиот договор. Тој е не само тврдоглав политичар, туку и лукав тактичар - тоа мора да му се признае. Не е чудо што Чесите го избраа за претседател дури во два мандата. Она што е меѓутоа побитно од личноста и политичкиот профил на Вацлав Клаус, тоа е фактот што тој беше симбол на отпорот против реформите на ЕУ - и тоа не само во Чешка. Избирачи со скептичен став кон Европа има во речиси сите земји членки на Унијата. Затоа застапниците на натамошното европско обединување не би требало да го багателизираат влијанието на Вацлав Клаус и да го сметаат за хир на некое старче, туку треба постојано да имаат предвид дека не се сите 500 милиони граѓани на ЕУ одушевени од „проектот Европа“. Сите оние кои се скептично настроени треба постојано да се уверуваат во предностите на натамошното обединување.

Дека тоа нема да биде лесно покажува долгогодишниот и макотрпен процес низ кој поминавме додека стигнавме до ратификацијата на реформскиот договор од Лисабон. А тој сам по себе и не е некој голем реформски зафат, туку повеќе разводенета верзија на „уставниот договор“, што на референдуми го отфрлија граѓаните на Франција и Холандија. Во Лисабонскиот договор има голем број дополнителни одредби и компромиси, за воопшто да може да биде прифатен. Сето тоа покажува дека ЕУ и понатаму ќе се движи со мали чекори.

Добрата вест, меѓутоа, е дека ЕУ воопшто се движи! И тоа не поради убавите заложби што стојат запишани само на хартија, туку поради очигледната жива политичка волја на нејзините лидери за натамошно обединување на силите, за зголемување на способноста на Унијата за дејствување и со тоа за зголемување на нејзиниот углед во светот. Во секој случај на ЕУ и’ претстои сосема сигурно работа на нов реформски договор - најдоцна кога ќе дојде на ред најавуваното приклучување на Турција кон Унијата. Зашто тогаш отпорите нема да бидат ограничени само на некој чудак претседател на некоја си тврдина!

Автор на коментарот: Бернд Ригерт

Превод: Горан Чутаноски

Редактор: Александра Трајковска