1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Признавањето на дипломите треба да биде полесно

Клаудија Превезанос/Елизабета Милошевска Фиданоска3 април 2012

Од почетокот на април во Германија почна да важи законот за признавање на странски дипломи. Тој треба да им овозможи на многу поголем број доселеници отколку досега да поднесат барање за признавање. Но...

https://p.dw.com/p/14WzQ
Фотографија: Fotolia/Gina Sanders

„Новиот закон им овозможува на значително поголем број луѓе да проверат дали нивната диплома е призната во Германија“, вели Илона Ризен од Институтот за германско стопанство (ИВ) во Келн. Право на проверка на завршните свидетелства добиваат не само луѓето кои имаат таканаречени реглементирани професии (на англиски regulated professions; дејности за чие извршување е потребно да се полага завршен испит или да се пишува дипломска работа н.з.), како што се лекари, адвокати или аптекари, туку и оние кои немаат вакви професии. Тоа се однесува пред се‘ на лицата кои имаат завршено занаети. Друга предност е што при проверката може да биде земено предвид и професионалното искуство. „Ако некој завршил во странство и она што го учел и полагал не е формално еднакво со она што се учи и полага во Германија, но во таа професија веќе работел неколку години, тогаш тоа се зема предвид“, нагласува Ризен.

За универзитетски професии кои не завршуваат со дипломска работа или завршен испит, како физичари, новинари или економисти, новиот закон не важи. „Странските универзитетски свидетелства можат да се проверуваат поединечно во ЗАБ (Централа за прашања на образование во странство)“, нагласува Барбара Бухал-Хефер, раководител на ЗАБ во Бон.

Symbolbild Skurrile Urteile
Фотографија: Fotolia/olly

Експертот на ИВ Илона Ризен вели дека законот за признавање на дипломите е важен чекор, но таа од искуство знае дека дел од мигрантите со тоа врзуваат лажни надежи: „Законот не значи дека се има право на признавање на дипломата, туку значи дека лицето има право на проценка на соодветноста на дипломата“, појаснува таа.

Мигрантите кои живеат во Германија треба да ја побараат соодветната служба во местото на живеење и да поднесат барање. Согласно професијата тоа се прави во различни институции.

Интернет портал како место за информирање

„Не постои централна служба за признавање на странски квалификации“, нагласува Бухал-Хефер. ЗАБ би презела посредничка функција само за стручњаците кои живеат во странство и кои не можат да стигнат до соодветната служба во Германија. За на сите заинтересирани да им се понуди место за информации независно од професијата и местото на живеење, Сојузното министерство за образование и наука го создаде интернет порталот www.anerkennung-in-deutschland.de.

Според проценки на Министерството за образование и наука, околу 300.000 мигранти во Германија сега би можеле да поднесат барање за признавање на дипломите. Институтот за германско стопанство смета дека во наредните години бројот на потенцијални баратели би се зголемил до 400.000.

Подносителот на барање е должен да ги достави сите документи за своето образование, преведени и со заверени копии. За голем број земји и професии во светот надлежните институции во Германија веќе имаат информации за одделни струки. „Кај егзотичните земји проценката е отежната поради недостиг на информации. Во такви случаи подносителот на барање, согласно законот, е обврзан да обезбеди информации“, објаснува Ризен, додавајќи: „Тоа би можеле да бидат насоки за образование или наставни планови опишани детално. Само диплома или свидетелство во таков случај не е доволно.“

Magister Bachlor Diplom Symbold Grafik

Новиот закон предвидува подносителот да добие одговор од надлежните институции во рок од три месеци по поднесувањето на барањето. Во првата година на важење на законот, сепак, поради тоа што се смета со голем бран барања, тоа не важи. Во одговорот можат да бидат „наведени и најзначајните разлики, за барателот да знае во која сфера треба да се доквалификува“. Во реглементираните професии како лекар, адвокат или болничар, барателот е на тоа обврзан за да може тоа и да го работи во Германија. Во другите професии може да се работи и без признавање на дипломата или доквалификување. Сепак, проценката на завршните свиделетства е предност, зашто за некои работни места е доволно и кога се „се има доказ за знаењата и способностите“ кои веќе ги има кандидатот, вели Бухал-Хефер. Искуството покажува дека мигрантите на пазарот на работна сила имаат значително подобри шанси кога нивните дипломи се формално признати или кога е направена проценка на нивните свидетелства.

Недоволно понуди за доквалификација

Илона Ризен во делот на доквалификација гледа проблем во примената на законот: „Се‘ уште нема доволно понуди. Делумно е нејасно кој треба да понуди дообразување.“ Друг недостиг на законот е што тој важи само за професии кои се регулирани на сојузно ниво. За голем број обуки низ образование во Германија се надлежни одделните покраини и тие се‘ уште работат на своите специфични закони за признавање на дипломите. „Тоа се однесува и на професиите во кои има недостиг на стручњаци, како наставници, воспитувачи или инженери“, нагласува Ризен.