1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Приказни на преживеаните од холокаустот зачувани на сцена

Кате Мусер/Ристо Ѓорѓиев10 ноември 2013

Една интерактивна театарска продукција патува низ Европа и ги раскажува приказните на седум луѓе кои го преживеале холокаустот, а сега живеат во Израел.

https://p.dw.com/p/19pKX
Фотографија: Renate Pelzl

Претставата содржи драма, но и фотографии и артефакти и се обидува да каже „не ме заборавај“

Им се посакува среќа на седумте раскажувачи, а публиката е замолена да го заземе своето место.

Освен историски важната и потресна локација, Берлинската нова синагога (на сликата горе) со својот убаво украсен златен покрив на сцената речиси и да нема ништо. Седејќи на масата наспроти трите члена на публиката, раскажувачот или „гласникот“ го претставува авторот, човек кој го преживеал холокаустот.

Наречена „Не ме заборавај“, претставата ги прераскажува животите на Бенјамин Гинцбург, Мириам Кремин, Јозеф Кинстлих, Естер Либер, Лаекадиа Сзлак, Зигфрид Телер и Сара Цамир.

Седуммината кои го преживеале холокаустот, а сега се во своите осумдесети и деведести години од животот и живеат во Хаифа, ги документирале своите животи преку рачно напишани документи и цртежи.

Важни фотографии од семејните одмори, како и мали предмети ја надополнуваат сликата за нивните животи.

Theaterprojekt "Keep me in Mind"
Кристина Фридрих и Михаел БраухлиФотографија: Matze Hielscher

„Цртежите се како писма, или скрипти или мапи, тие мораат да бидат преведени“, вели Михаел Браухли, еден дел од уметничкиот тим за сцената. „Ние се обидуваме да направиме момент со личноста, која се надеваме дека ќе остави долготрајно сеќавање. Вие сте вклучени, вие сте допрени“.

Да се пренесе

На крајот на секоја претстава, „гласникот“, кој по обичај е волонтер, ја поканува публиката да земе сосебе неколку копии од приказната и да ги подели.

Седмо-одделенецот Казимиерц Шорлемер внимателно слушаше, за да може да ја чуе болката во срцето на еден од преживеаните кој неможе да се ослободи од вината дека тој преживеал, а брат му не. Како и илјадници други, неговата мајка и неговиот дванаесет годишен брат биле депортирани во Аушвиц и убиени.

„Мислам дека ова е многу важно, мора да се пренесе на други луѓе“, вели Казимиерц кој самиот има само дванаесет години.

Keep Me In Mind
Портрет од синот на Мириам КреминФотографија: keepmeinmind/Miriam Kremin/Eyal Dinar

Не заборавај

Мириам Кремин била само шеснаесет години кога побегнала од еврејското гето, кое сега се наоѓа во денешна Украина. Нејзините родители веќе биле застрелани, а таа морала да бега уште три години пред да најде засолниште.

Токму нејзиниот страв, дека по нејзината смрт никој нема да ѝ верува на нејзината приказна е тоа што ја инспирираше Кристина Фридрих театарски режисер, која беше ко-креатор на концептот.

„Таа реченица ме погоди во срцето, се мислев како да ѝ помогнам да ја зачува нејзината приказна“, вели авторката и режисерка која живее во Берлин.

Носејќи сосебе куфер полн со моливи и хартија, Фридрих ја посетила Мириам во Хаифа, каде деведест и едно годишната дама живее во прифатилиште за постари граѓани кои го преживеале холокаустот.

По две години групате под името „Не ме заборавај“ успеа да собере седум преживеани, шест од кои живеат во Хаифа, кои ја споделија својата приказна.

„Беше тоа навистина тешка и напорна работа“,вели Фридрих, која пораснала во близина на Нордхаузен, каде националсоцијалистите го имале изградено концентрациониот логор Мителбау-Дора.

„Тоа е како да се копа во рудник, за да може да се дојде до сите тие простории и простори кои се поврзани со смрт, паника, крв и вина“.

Keep Me In Mind
Фотографија од семејниот одмор на Мириам КреминФотографија: keepmeinmind/Miriam Kremin/Eyal Dinar

„Да ги прошириме видиците“

Финансирани од Германската културна фондација, проектот кој беше првично прикажан во Берлин сега патува низ Европа, и ги посетува родните места на преживеаните и нивните патеки.

Јенс-Кристијан Вагнер, кој е директор на Бухенвалд и Мителбау-Дора меморијалната фондација, го нарекува проектот „иновативен“ и вели дека резултатите се „длабоко потресни“.

„Овде 'гласниците' не само што ја раскажуваат приказната туку ги раздаваат и фотографиите и цртежите“, коментира тој.

Фридрих вели дека проектот не е направен само за да не потсети на минатото, туку и да „ги отовори нашите сетила, да ги прошири нашите видици за луѓето кои се наоѓаат во животна опасност“. „Оставено е на секој индивидуално да направи свој мост помеѓу Мириам и Сирија, од Јозеф до Африка. Ви треба само сочуство“, додава таа.

„Не ме заборавај“ ќе биде прикажувана во Вилнус, а зимава и во Брисел. Ќе ги посети и Варшава, Венеција, Марсеј, Лондон и Берлин наредната година.