1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Примирјето прекршено: израелски напади во Газа

Агенции/Дојче веле2 февруари 2009

По повторните гранатирања на израелски населби од страна на милитантните Палестинци, Израел не чекаше долго со воениот одговор. Ноќеска израелски авиони нападнаа повеќе цели во појасот Газа.

https://p.dw.com/p/GlMP
Одговор на ракетните нападиФотографија: picture-alliance/ dpa

Според воени извори, израелски авиони во синоќешните одмазднички акции (01.02.2009) нападнале шест тунели преку кои е вршен шверц на оружје на границата кон Египет и позиции на радикалнотo движење Хамас во појасот Газа. Населението претходно телефонски било известено да го напушти регионот, но Хамас соопшти дека има еден загинат.

Израел тврди дека вчера од палестинска почва врз израелските населби биле истрелани пет „Касам“ ракети и осум гранати, за првпат од почетокот на примирјето. Притоа има и повредени. Одговорноста за дел од нападите ја презеде група од Ал Акса бригадите, кои припаѓаат на движењето Фатах на палестинскиот претседател Махмуд Абас. Фатах е во ривалски однос со Хамас.

Нестабилно примирје

Со ракетирањето и израелските воздушни напади е прекршено примирјето постигнато по повеќедневната израелска офанзива во појасот Газа. Во неа беа убиени речиси 1300 Палестинци.

Но, и покрај прекинот на огнот, кој е во сила од 18 јануари, врз Израел и натаму беа истрелувани ракети, на кои израелската армија реагира главно со воздушни напади.

По најновиот ракетен напад од радикалните Палестинци, израелскиот премиер Ехуд Олмерт отворено се закани со одмазда. Тој на армијата и‘ дал упатство да одговори соодветно на идни ракетирања. Портпарол на владата на Хамас во појасот Газа овој потег на Олмерт го оцени како агресивен. Истовремено, тој ги повика сите Палестинци да се придржуваат на договореното примирје.

livni in brüssel
Ципи Ливни бара почитување кон ИзраелФотографија: ap

Ливни го критикува Ердоган

Во меѓувреме, израелската министерка за надворешни работи Ципи Ливни побара од турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган да покаже поголемо почитување кон нејзината земја. Ердоган на Светскиот економски форум во Давос остро го нападна Израел поради војната во појасот Газа и доби аплауз од Иран. Ердоган го кажа она што го мислат Турците и луѓето од регионот, но и во цел свет, му благодарам за овој чекор, изјави на викендот иранскиот претседател Махмуд Ахмадинеџад.

Нетанјаху се заканува

Шефот на десната опозициона партија Ликуд во Израел, Бенјамин Нетанјаху, го оцени Иран како најголема закана за својата земја и за целото човештво. Како премиер, би се погрижил Иран повеќе да не претставува атомска закана, не исклучувајќи притоа ни воена акција, вели Нетанјаху. На 10 февруари во Израел се одржуваат парламентарни избори. Нетанјаху важи како фаворит за премиерското место.