1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Принцезата „скокна во тавче“

19 јуни 2010

Во Шведска денеска (19.06) се одржува венчавката на принцезата Викторија. Граѓаните во исчекување и љубопитност за првата кралска венчавката во нивната земја, по повеќе од триесет години.

https://p.dw.com/p/Nnzv
Принцезата Викторија и Даниел ВестлингФотографија: picture alliance/dpa

Кога во февруари минатата година шведскиот крал Карл XVI ја објави венчавката на неговата ќерка, принцезата Викторија и Даниел Вестлинг, народот спонтано се собра на плоштадот пред кралската палата и ја пееше националната химна. Интернет страницата на кралскиот двор, пак, не можеше да одговори на навалата на Швеѓаните кои сакаа да се информираат преку интернет.

Оваа спонтана реакција на народот покажува колку во Шведска ја ценат и сакаат принцезата Викторија.

Голем градски фестивал

Königin Silvia hat Geburtstag
Шведската кралица Силвија и кралот Карл XVI со нивните децаФотографија: AP

Во Гамла Стан, стариот дел на Стокхолм, екипа работници подготвија огромна бина. Ова место, што се наоѓа точно спроти кралската палата, е една од деветте локации каде што се одржуваше големиот градски фестивал под мотото „Љубов Стокхолм“, кој ќе кулминира со денешната (19.06) венчавка.

Венчавката на принцезата Викторија ќе биде првата кралска свадба откако нејзиниот татко кралот Карл XIV во 1976 се венчаше со Силвиа Сомерлат. Во меѓувреме имаше најава за друга кралска венчавка, имено на сестрата на Викторија, принцезата Медлин, со Јонас Бергштрем, меѓутоа тие оваа година се разделија, наводно поради неговото неверство. Можеби овие фактори, како и огромната популарност на принцезата Викторија се причина за големото исчекување на овој настан. Во минатите неколку недели лицето на Викторија се појави на насловните страници на речиси сите весници и списанија во Шведска. Иако таа се смета за многу скромна, едно е сигурно, нејзината венчавка ќе биде раскошна - како што доликува за една принцеза.

Големиот“ ден во Шведска

Daniel Westling und Victoria von Schweden
Викторија е прва шведска принцеза наследничка на кралскиот тронФотографија: picture alliance/dpa

Во канцеларијата на лајфстајл магазинот „С“, главната уредничка Памела Андерсон објаснува како ќе се одвива свадбата на „големиот“ ден: „Свадбената церемонија започнува во 15:30 часот. По венчавањето брачниот пар ќе се вози во кочија со коњи низ многу улици во Стокхолм за да можат што повеќе луѓе да ги видат и да ги поздрават. Потоа ќе има вечера за гостите. Засега знаеме дека во црквата се поканети 1.100 луѓе, но на вечерата ке бидат само 400.“

Одлуката на Викторија да се омажи за Даниел Вестлинг - обичен граѓанин и некогашен нејзин личен тренер и сопственик на фитнес клуб, кој нема кралско потекло, во земјата беше прифатено со скепса. Имено, и во многу полиберални времиња ова се смета за скандал: „Да, навистина беше така на почетокот. Мислам дека луѓето не ја сметаа одлуката за сериозна. Секој си мислеше оваа врска не може да има среќен крај. Но, со текот на годините луѓето сфатија дека тој сепак е добар партнер за неа.“

Викторија е прва шведска принцеза-наследничка на кралскиот трон во последниве 290 години. Затоа Стокхолм денеска (19.06) ја очекува традиционалната венчавка од бајките.....

Автор: Нили Литолис / Бисера Огњановска Митров

Редактор: Трајче Тосев