1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Природните катастрофи лани чинеле 125 милијарди евра

Б. Георгиевски/афп7 јануари 2014

Природните катастрофи, од кои најголемите беа тајфунот Хаијан во Филипините и поплавите во Европа, предизвикале штети од околу 125 милијарди евра во 2013. година, соопшти германскиот осигурителен гигант „Мјуних Ре“.

https://p.dw.com/p/1AmGG
Фотографија: picture-alliance/dpa

Бројката е помала од просечната во последните десет години, која изнесува околу 184 милијарди евра, а загубите на осигурителните компании достигнале 31 милијарда евра, што е исто така помалку од просечните 56 милијарди.

„Поплавите и бурите со град предизвикаа загуби од десетици милијарди во централна Европа, додека еден од најсилните тајфуни во историјата Хаијан на Филипините однесе околу 6 илјади човечки животи“, соопшти компанијата.

Природна катастрофа која предизвикала најголема финансиска штета се големите поплави во Централна и Источна Европа на почетокот на јуни минатата година. Загубите се проценуваат на 15,2 милијарди евра, од кои 3,2 милијарди биле осигурени. Најскапата поединечна катастрофа за осигурителната индустрија биле серијата бури од град кои ја зафатија Германија во јули 2013. година, и во кои град со големина на тениски топчиња уништуваше автомобили, куќи, згради, соларни инсталации, па дури и фабрики. Ова невреме предизвикало штети од околу 4,8 милијарди евра.

Супер- тајфунот Хаијан на Филипините предизвикал штети од околу 10 милијарди евра.

Hochwasser Deutschland Deggendorf 06.06.2013 Autobahnkreuz
Поплавите во ГерманијаФотографија: Christof Stache/AFP/Getty Images

Една од причините поради кои годинава е забележена намалена штета од природните несреќи во светот е и релативно мирната сезона на урагани на Северноамериканскиот континент. Во САД, од природните катастрофи најтешко беше погодена Оклахома, каде серија торнада во мај предизвикаа големи штети кои се проценуваат на околу 3,1 милијарди евра.