Пристапниот дијалог - шанса за Македонија
21 февруари 2012Пристапниот дијалог на високо ниво меѓу Македонија и Европската комисија не е замена за пристапните преговори, порачаа европратениците Ричард Хауит, Едуард Кукан и Алојз Петерле по денешната средба со шефот на македонската дипломатија Никола Попоски. Тие сметаат дека дијалогот, што ќе стартува во март, е добра основа за напредок во интеграцијата на Македонија и начин да се искористи времето до стартот на пристапните преговори.
Исти пораки европратениците од неформалната група „Пријатели на Македонија“ му пренеле и на македонскиот претседател Ѓорге Иванов како и на членовите на собраниската Комисија за надворешна политика, за европски прашања, Мешовитиот парламентарен комитет Македонија-ЕУ и членовите на Националниот совет за евроинтеграции.
Дел од македонските пратеници побараа Европската унија да го охрабри дијалогот меѓу Македонија и Грција, со цел конечно затворање на прашањето за името. Осврнувајќи се на прашањето за името, европратеникот Хауит порача дека работа на европските институции не е да посредуваат во спорот, туку да охрабрат дијалог во однос на спорот.
Македонскиот претседател како и претходно шефот на дипломатијата Попоски високо го оцениле вклучувањето на придавката „македонски“ во Предлог-резолуцијата на Европскиот парламент. Тројцата европратеници денеска имаат средби и со премиерот Груевски, како и со претседателот на Собранието Вељановски.
Автор: АТ/ миа/ макфакс
Редактор: Борис Георгиевски