1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пристапните преговори - темелник за името!

Силвера Падори-Кленке12 декември 2012

Перцепцијата на Грција е дека со стартот на пристапните преговори и се скусува можноста да влијае врз името Македонија - вели за ДВ д-р Оливер Шварц според кого најголеми поддржувачи на земјата се Австрија и ЕК.

https://p.dw.com/p/1708e
Фотографија: DW

„Доколку и овојпат дојде до вето, цврсто сум убеден дека тоа ќе биде и последното. Државите на Европската унија, тука ја исклучувам Грција, а кај Бугарија ставам прашалник, нема долго да го следат ваквиот пат. Сега е постигната точката кога Австрија, како членка на ЕУ, но и Европската комисија сакаат посилно да се инволвираат во процесот на преговорите околу името. Моментно, тоа е тема на Обединетите нации, но токму во конфликтот меѓу Словенија и Хрватска видовме дека Комисијата може многу брзо и ефикасно да влијае во разрешување на билатералните спорови. Сметам дека ова е точка во која Комисијата или Австрија како држава јасно би се вклучиле во преговорите околу името“, изјави за Дојче веле д-р Оливер Шварц, експерт за европска политика од Универзитетот Дуизбург – Есен.

Тој потсети дека шефовите на држави и влади на ЕУ по третпат во Брисел се занимаваат со Македонија и нивното трпение е истрошено, особено ако се има предвид позитивниот извештај на Комисијата и залагањето на еврокомесарот Филе да се отворат пристапните преговори со Македонија.

1
Трпението на европските држави е ограничено„ Др. Оливер ШварцФотографија: privat


Го прашуваме д-р Шварц: Дали во услови кога Грција финансиски и социјално е притисната, може да се случи Европската унија да и го остави отворен единствениот фронт на кој може да ја демонстрира својата моќ – спорот околу името?

„Грција има перцепција дека името Македонија може да се смени единствено пред да се отворат пристапните преговори. На преговорите, во Грција се гледа како на единствен инструмент на притисок. Ова гледиште мора да се преработи зашто колку подолго Македонија лебди и е надвор од процесот на проширување, толку повеќе се намалува можноста да се влијае и да се спроведат реформите“, одговара д-р Шварц.

Традиционални поддржувачи

Ретроспективата на проширувањата покажува дека и во рамките на Унијата своја улога имаат традиционалните пријателства, но и нетрпеливости. Примери има многу - од вековната врска меѓу Белград и Атина, преку германската поддршка на Словенија, до австриските симпатии кон Хрватска. Има ли некој кој би се заложил за Македонија, која очигледно не е миленичка на моќните и конкретно: Зошто Германија со својот авторитет не сака да даде сигнал со кој би се отвориле пристапните преговори?

Eastern Partnership Civil Society Forums in Stockholm Stefan Füle
Дали ќе биде сочуван образот на Комисијата? Штефан ФилеФотографија: DW/Y.Teyze

„Германија важи дека има позитивен став кон проширувањето. Иако во периодот на владата на Меркел се водеше политика на Pacta sunt servanda - ’договорите треба да се почитуваат’, при што се гарантира и позитивно се формулира досегашното доближување до ЕУ, во суштина изостанува секаква вистинска иницијатива со која би се унапредила политиката на проширувањето“, смета д-р Шварц.

Според него најангажирана околу Македонија е Австрија која и традиционално е врзана за Балканот и чии политичари како Ерхард Бусек или Волфганг Петрич во регионот оставиле свои траги.

„Можам да си замислам дека токму во врска со Македонија, секоја австриска влада во наредниве месеци и години ќе преземе посилна улога“, е оптимист д-р Шварц кој на крајот заклучува: „Доколку и овојпат Грција стави вето, мислам дека во рамките на Унијата атмосферата ќе прекипе. Трпението на европските држави и на Комисијата е ограничено и според мене - до крајот на годинава истекува!“, изјави во разговор за Дојче Веле д-р Оливер Шварц, експерт за европска политика од Универзитетот Дуизбург – Есен.