1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Притворските капацитети со натфрлена „норма“

Катерина Блажевска13 ноември 2013

Просечната „пренаселеност“ во притворските одделенија во Македонија изнесува 139%, покажуваат податоците од Управата за извршување на санкции.

https://p.dw.com/p/1AGG1
Фотографија: DW

Дали мерката притвор ја премина „мерката“? Дали се претвори во казна? Македонската судска практика многу често е на тапет по ова прашање и во домашната јавност и од страна на меѓународни институции. Тенденцијата е таа да биде исклучок, а не правило. Организации за заштита на човековите права сметаат дека ситуацијата засега е обратна. Иако домашното законодавство и меѓународните стандарди налагаат мерката притвор да се користи како исклучок, а не како правило, а траењето да биде сведено на најкусо нужно време и најпрвин да се разгледа можноста за користење на поблаги превентивни мерки, во Хелсиншкиот комитет (ХК) постои чувство дека притворот понекогаш се користи како казнена мерка, а во одредени случаи и како метод на заплашување, вели Воислав Стојановски, правен советник во ХК.

„Ваквиот став го темелиме на примери во кои притворот се определува и за полесни кривични дела, за судски решенија во кои кај обвинетите се прејудицира вина уште пред почетокот на судењето, за изрекување на затворски казни кои одговараат на времето поминато во притвор, како и врз начинот на кој специјални полициски сили спроведуваат осомничени во судовите пред телевизиски камери“, објаснува Стојановски.

Тој посочува дека најопсежното истражување за определувањето на мерката притвор во Македонија е спроведено во 2009 година од страна на Мисијата на ОБСЕ во Скопје. Еден од заклучоците е дека судиите ја определуваат оваа мерка во 9 од 10 случаи во кои јавниот обвинител ја предложил.

Тенки“ образложенија

Од тие причини експертската јавност фокусот го става на прашањето - зошто не се испитуваат доволно основите за определување на мерката притвор? Испитувањето на причините е обврска на истражниот судија, кој аргументирано и поопширно треба да ги образложи причините зошто смета дека притворот е неопходен и зошто обезбедувањето на осомничениот за време на судскиот процес не би било можно со определување на поблага, превентивна мерка.

„За жал, во Македонија се‘ уште опстојува практиката на исклучително оскудни решенија во кои недостига поконкретна анализа и образложение на секоја одделна основа поради која се определува притворот. Решенијата за продолжување на притворот вообичаено се идентични едно на друго и се засноваат врз едноставно парафразирање на условите наведени во Законот за кривичната постапка. Ваквата македонска практика е окарактеризирана како спротивна на Европската конвенција за човекови права од страна на Европскиот суд за човекови права, во случајот 'Змиско око'“, укажува Стојановски.

Gefängnis Skopje
Просечната „пренаселеност“ во притворските одделенија на државно ниво изнесува 139%Фотографија: DW

Од канцеларија за односи со јавност на Основниот суд Скопје 1, единствен и најголем кривичен суд во чии рамки е формирано и Одделението за организиран криминал и корупција, велат дека во образложенијата се наведувани причините зошто судот сметал дека обезбедувањето на присуство на секој од обвинетите во тој момент не можело да се постигне со други поблаги мерки и дека тие образложенија не се идентични едно на друго.

Индивидуализација на причините

Сепак, по приемот на одлуката на Европскиот суд за човекови права за предметот „Змиско око“, од 25.09.2013 нештата почнуваат да се менуваат - во подобра насока. Бил одржан колегиум на судиите од овој суд, по што претседателот на судот доставил укажување и препорака до судиите.

„Имајќи ја предвид практиката на Европскиот суд за човекови права за индивидуализација на мерката притвор, по прием на барања за спроведување на истрага во кои има предлог за определување на мерка притвор за повеќе лица, воведена е практика на индивидуализација на причините за определување на мерката притвор за секое лице посебно, наспроти досегашната практика за се‘ да се одлучува со единствено решение. Ако постои основаност за донесување на предложените одлуки во однос на барања за спроведување на истрага, да одлучуваат со една одлука - Решение за спроведување на истрага за сите поименично определени лица. Ако мерката притвор е предложена за повеќе обвинети, да одлучуваат со посебни одлуки за секое лице: да биде опфатено Решението за определување мерка притвор или друга мерка која се предлага и да биде опфатена Одлука за законитост на дејствија на лишување од слобода. Ваквата практика претседателот на судот ја воведува во однос на индивидуалноста на мерката притвор во смисла на чл.185 ст.2 од ЗКП. Со тоа ќе се овозможи поефикасно следење и индивидуално преиспитување на мерката, ќе се избегне паушално продолжување на мерките без ценење на посебните околности за секој обвинет посебно и ќе се овозможи навремено и законито постапување по жалби за наведените одлуки, за кои се предвидени посебни рокови“, велат од Канцеларија за односи со јавноста на Основниот суд Скопје 1.

Mazedonien Land und Leute Gericht in Skopje Amtsgericht Eingang
Фотографија: Petr Stojanovski

Пробиени капацитетите

Дали тоа ќе го намали бројот на случаи во кои се изрекува оваа мерка, а кои ги преполнија притворските одделенија во Македонија? Информациите, што ги добил Хелсиншкиот Комитет со барање за пристап до информации од јавен карактер од Управата за извршување на санкции, покажуваат дека состојбата со животните услови во притворските одделенија е алармантна. Притворското одделение на Затворот Скопје има капацитет за 290 лица, а заклучно со 31 октомври годинава во него престојувале 378 лица. Капацитетот на притворското одделение на затворот во Битола е за 11, а престојувале 30 лица. Слична е ситуацијата и со притворските одделенија во затворите во Тетово и Прилеп. Просечната „пренаселеност“ во притворските одделенија на државно ниво изнесува 139%.

Gefängnis Skopje
Фотографија: DW

„Голем проблем претставува несоодветната медицинска заштита и долготрајните бирократски постапки за овозможување лекарски прегледи и интервенции надвор од притворите. Дополнително, не постои целосно независен механизам за надворешен надзор над условите во притворите. Последнава година се одбиени и две барања на меѓународни институции за посета на притвореници. Иако судиите од судовите на чии подрачја има притворски одделенија секоја седмица вршат надзор преку посети во притворските одделенија, нивните наоди не се јавно достапни“, велат од ХК.

Според судски извори, бројката на изречена мерка притвор многу често ја зголемуваат постапки против мигранти или други лица без живеалиште и адреса во земјата, па со цел да бидат достапни во текот на постапката, судот нема друго решение, освен да им изрече мерка притвор.