1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Приштина: Да не се реагира на кукавичката провокација од Србија

Александар Методијев/миа/бета20 јануари 2013

Косовската Влада денеска (20.01) изрази огорченост по повод отстранувањето на споменикот на припадниците на ОВПМБ во Прешево и порача дека со тоа се доведува во прашање дијалогот меѓу Белград и Приштина.

https://p.dw.com/p/17NnK
Фотографија: AFP/Getty Images

„Овој грд чин на Владата на Србија сериозно го доведува во опасност процесот на дијалогот за нормализација на односите меѓу Косово и Србија и директната одговорност за тоа паѓа на Србија“, се наведува во соопштението од Владата на Косово. Неуспехот на Владата на Србија преку дијалог да изнајде решение за поставување на споменикот покажува дека „дијалогот се‘ уште не е дел од владината политика на Србија кога се во прашање Албанците“, ја пренесува Танјуг реакцијата на официјална Приштина.

Косовската Влада оценува дека отстранувањето на споменикот претставува „уште еден доказ дека омразата кон Албанците кои живеат во Прешевската долина се’ уште е жива и дека се храни со такви дела на наследниците на геноцидната политика на Милошевиќ“.

Kosovo Hauptstadt Pristina
Приштина смета дека отстранувањето на споменикот е доказ за омразата кон АлбанцитеФотографија: picture-alliance/dpa

„Ваквиот нецивилизиран чин на Владата на Србија на отстранување на споменикот нема да ја измени историјата и сеќавањето на Албанците каде и да се. Напротив, само го јакне и потсетува дека Србија со својата политика останува истата онаа од минатиот век“, се додава во соопштението од Владата на Косово. Таа ги повика Албанците од Прешевската долина и граѓаните на Косово да не одговорат на „кукавичката провокација на Србија“.

„Ние треба да веруваме во цивилизациски вредности, а не во антивредности кои ги промовира Србија, а кои се осудени од страна на демократскиот западен свет“, се заклучува во соопштението.

Албанските лидери затекнати

Лидерот на Демократската унија на Албанците Рахми Зуљфију изјави дека ситуацијата во Прешево по отстранувањето на споменикот е мирна, но и дека албанските лидери се затекнати од акцијата на српските власти. Тој информираше дека денеска во Прешево ќе се одржи состанок на сите лидери на албанските партии од Прешево и Бујановац со претставникот на мисијата на ОБСЕ, кој всушност е закажан вчера и на него требало да се продолжат разговорите за судбината на споменикот.

„Во некоја смисла сме затекнати од уривањето на споменикот, бидејќи очекувавме дека денеска ќе се донесе конечен став за се’. Бевме на пат да се донесе конечна одлука со многу помеки ставови“, објаснува Зуљфију.

Во меѓувреме, вршителот должност на шеф во Србија на Мисијата на ОБСЕ, Пола Тиде, изрази жалење што преговорите за изнаоѓање компромисно решение за спорниот споменик се прекинати со одлуката на Владата на Србија истиот да се отстрани. Тиде преку соопштение повика на „мир и атмосфера во која е можно да се обнови дијалогот“.

„Според моите сознанија, взаемно прифатлива одлука беше на дофат на раката. Требаше да се продолжи со преговорите за да се изнајде решение кое би ги почитувало желбите на обете заедници“, наведува таа.

Отстранувањето на споменикот било разговарано меѓу Тачи и Дачиќ?

Според неофицијални информации, отстранувањето на споменикот на ОВПМБ во Прешево било една од темите за разговор на последниот состанок на премиерите на Србија и Косово, Ивица Дачиќ и Хашим Тачи во Брисел, поради што и неговото отстранување помина без инциденти.

Hashim Thaci Premierminister Kosovo
Неофицијално, споменикот бил тема на разговор меѓу Тачи и Дачиќ во БриселФотографија: DW

„Владата на Република Србија оценува дека отстранувањето на споменикот на екстремистите е придонес кон заедничкиот живот и државата и во иднина одлучно ќе го спроведува редот и законот и ќе ја осигурува стабилноста на целата своја територија“, соопшти во текот на денот владата во Белград.

Таа утрово пред седум часот испрати 150 припадници на жандармеријата во центарот на Прешево, кои го прекрија споменикот со пластична вреќа и потоа со сајли и багер го кренаа од местото на кое беше поставен. Споменикот така не беше оштетен и со камион и придружба од конвој со дваесетина полициски возила беше изнесен од Прешево. Нема дополнителни информации што се случило со споменикот.

Споменикот на припадниците на албанската ОВПМБ е поставен во ноември минатата година, а Владата на Србија соопшти дека мора да биде отстранет до 17 јануари, за кога беше закажана четвртата рунда преговори меѓу Белград и Приштина. Споменикот не беше отстранет во предвидениот рок, а советниците во Собранието на општина Прешево, по истекот на рокот ретроактивно усвоија предлог за негово поставување и најавија дека ќе ја комплетираат документацијата потребна за легализацијата на споменикот.