1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Приштина и Скопје најавуваат нормализација

БГ/миа12 септември 2013

Косовскиот вицепремиер Хајредин Кучи изјави дека Приштина е подготвена за повторно нормализирање на трговијата со Македонија. Со слична изјава излезе и македонскиот министер за економија Сарачини

https://p.dw.com/p/19geU
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Во интервју за Косовското радио, тој истакнува дека е во постојан контакт со македонски владини претставници и оти се на добар пат да се најде решение.

„Наша цел е да ја вратиме состојбата како што беше за да се овозможи слободно движење на луѓе, стока и капитал меѓу двете земји“, вели Кучи кој денеска во Скопје треба да се сретне со претставници на македонската Влада.

Косовските медиуми јавија дека Приштина до утре изутрина ќе ја крене рампата за македонските производи, а се очекува да биде укината и влезната такса за косовските граѓани и возила при влез во Македонија. Претходно, македонскиот министер за економија Ваљон Сарачини изјави дека очекува проблемот со Косово да биде решен денеска.

„Изнаоѓањето решение е врвен приоритет на владите на двете земји и треба да се случи. По средбите што ги имавме во Приштина со министерот за трговија и финансии, сметам дека работите се движат во вистинска насока. Дијалогот е почнат, создадени се услови за отпочнување на процес кој треба да придонесе до заемно прифатливо решение за двете страни. Денешната средба на високо владино ниво треба да резултира со конечно решавање на проблемот“, рече Сарачини.

Косово изминатиот викенд воведе забрана за увоз на македонски производи, на што македонските власти одговорија со наплаќање такси за влез на косовските граѓани и возила.