1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пријателско реми на Германија и Бразил – играта добра, резултатот реален

9 септември 2004

Германската фудбалска репрезентација во пријателски натпревар синоќа во Берлин играше нерешено 1 спрема 1 со светскиот првак Бразил. Изостана реваншот за поразот на Германците во финалето на светското првенство 2002-ра година, но новиот селектор Јирген Клинсман има причини за задоволство.

https://p.dw.com/p/Aem9
Курањи ја упатува топката во голот и го изедначува резултатот
Курањи ја упатува топката во голот и го изедначува резултатотФотографија: AP

Подмладениот германски тим, со модифициран систем на игра, ја враќа вербата кај стручњаците и љубителите на фудбалот дека Германија во 2006-та година нема да биде само домаќин на светското првенство, туку и оти ќе може да конкурира за титулата. И во вториот натпревар под команда на Јирген Клинсман, како и во првиот во кој Германија ја победи Австрија со 3 спрема 1, репрезентацијата прикажа полетна игра со голем ангажман на секој играч. “Видовме прекрасни комбинации, преместувања на тежиштата на играта од една на друга страна, двојни проигрувања – навистина беше задоволство да се гледа тимот”. Селекторот Клинсман вели и дека изрекол многу пофалби во соблекувалната и констатира дека сраснува тим, кој може да развие неверојатно многу воодушевување. За него средбата е еден чекор на патот кон светското првенство во 2006-та година.

Германските фудбалери не ги импресионира ни раното водство на Бразил веќе во 9-тата минута од фантастично изведениот слободен удар на Роналдињо. Израмнувањето уследи веќе во 17-тата минута, кога една случајно до него одбиена топка Кевин Курањи, инаку роден во Бразил, ја смести во голот. “Многу сум среќен што постигнав погодок против Бразил. Среќно е и семејството – подобро не можеше да биде” – изјави Курањи, покрај кого во шпицот на нападот играше Гералд Асамоа.

Одбранбениот ред на германскиот тим настапи во новокомпониран состав со Фаренхорст од Вердер и 20-годишниот Роберт Хут, инаку играч на Челзи, покрај Хинкел и Лам. Капитенот Балак сега добива поофанзивна задача, покрај Фрингс и Шнајдер во средниот ред за прв пат по цела година лекување од депресија играше - и тоа на моменти многу добро, Себастијан Дајслер. “Имаме добар тим, но мораме тоа и да го покажеме. Кога сите стојат на располагање и се подготвени, можеме да се надигруваме и носиме и со големите тимови, што се виде во првото полувреме” – оцени Дајслер.

Селекторот на Бразил Карлос Алберто Пареира смета дека резултатот е праведен. “Германскиот тим беше многу мотивиран и сакаше безусловно да победи против светскиот првак – тоа беше посебна инспирација. Во првите 10 минути ние бевме подобри, потоа доминираше со играта германскиот среден ред со својата брзина. Во вториот дел играта беше изедначена” – прокоментира бразилскиот селектор. На олимпискиот стадион во Берлин натпреварот го следеа 74 335 гледачи, во добро расположение и задоволни од фудбалската претстава.