1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

При работа во Македонија, сезонците порадо одат во странство

Антоанела Димитриевска31 август 2013

Положбата на сезонските работници е подобрена со поригорозни контроли на Државниот инспекторат за труд и можноста по ангажманот да продолжи добивањето на социјална помош. Но, на сезонска работа порадо се оди во странство

https://p.dw.com/p/19ZPA
Фотографија: FARS

Во 2010. година од страна од страна на Државниот инспекторат за труд во секторите земјоделство, шумарство, рибарство и преработувачка индустрија, каде се ангажираат сезонски работници според податоците од Министерството за труд и социјална политика дадени за ДВ направени се вкупно 4889 инспекциски надзори од областа на работните односи и контролирани се 153 593 работници. При тоа затечени се 1227 ангажирани лица на работа без да имаат склучено договори за вработување и без да се пријавени во задолжително социјално осигурување, за што се поднесени 167 барања за поведување на прекршочна постапка. Во 2011, при контролите 296 ангажирани лица се затекнати без склучени договори за вработување и без социјално осигурување и поведени се 141 барање за поведување на прекршочна постапка. Во 2012. година затекнати се 235 работници и поведени се 112 барања за поведување на прекршочна постапка. Согласно законот, Прекршочните комисии за 79 прекршочни барања водеа и спроведоа прекршочна постапка и на сторителите на прекршокот им изрекоа прекршочни санкции, согласно Законот за работни односи и Законот за прекршоци, а за останатите постапката е во тек пред прекршочниот суд.

Според ова, од Државниот инспекторат истакнуваат: „Во периодот од 2010-2012. година имаме драстично намалување на бројот на ангажирани лица за вршење на сезонски работи без да имаат склучено договор за вработување и без да се пријавени во задолжително социјално осигурување за неколкупатти и тоа од 1277 во 2010. година на само 235 во 2012. година“.

Недостиг на сезонци во конзервната индустрија

Конзервната индустрија во Македонија во последниве години мака мачи да најде млади работници за сезонска шестмесечна работа. На работа се воглавно повозрасни работници.

Weinanbau in Mazedonien
Фотографија: dpa

Тина Карадакоска менаџер од Конзервната индустрија „Ден-ТИН“ од Струмица за ДВ појаснува:

„Тоа е затоа што младите најчесто по подобра заработувачка заминуваат на работа во странство и ние работиме само со повозрасни работници. Добро е во последниве години што со помош на Владата проблемот со социјална помош и детски додаток се реши, со тоа што тој не им се укинува и тие продолжуваат да го земаат по завршувањето на сезонската работа“.

Поради тешката работа со киселини, дигање на товар и неповолна здравствена состојба, пооделни работници се откажуваат по само неколку дена работа. Карадакоска потенцира:

„Контролите во последните години се многу поригорозни, а ние работодавачите мораме да го пријавиме и осигураме секој работник. Често се случува некои од сезонците што не можат да ја издржат напорната работа да се откажат по два - три, а ние поради контролите мораме да ги осигураме на цел месец, а на наша штета. Затоа од надлежните бараме да ни овозможат контролна работа од пет дена за нашите работници“.

Во некои региони има недостиг на сезонци за берба, а некаде има се‘ повеќе заинтересирани млади

Во некои земјоделски региони работодавачите се соочуваат со проблем со недостиг од сезонски работници за берба, а поради тоа што голем дел од македонските работници работат сезонски за повисоки плати во странство. Некои ангажираат работници од други региони, а воглавно работата ја извршуваат повозрасни лица. Но тоа не е така последниве две години во велешкиот поширок и некои од останатите региони, а каде на берба има се' повеќе млади лица.

Ивана Димова, студентка, истакнува:

„Береме праски во Градско, а меѓу сезонците има се' повеќе млади. Многу од нас сакаат да заработат некој денар плус за школување или за летување. Повозрасните се здравствено и пензиски осигурани, а ние младите не сме ни го побарале тоа од работодавачите. Работиме напорно и по 10 до 12 часа, а добиваме солидно, 600 денари дневница“.

Синдикатот апелира до работниците да ја пријават работата на црно

Павел Трендафилов претседател на Градежниот синдикат при ССМ за ДВ оценува дека „како резултат на притисок до надлежните инспекции, во Македонија е намалена сезонската работа на црно“.

Воедно тој вели дека е многу мал бројот на работници кои до ССМ пријавуваат работа на црно :

„Затоа апелирам до нив и ги охрабрувам да ги пријават сите неправилности“, дециден е Трендафилов .