1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пробив на полето на климата на самитот во Тојако

Горан Чутаноски8 јули 2008

Најголемиот загадувач на човековата околина, САД, за прв пат се согласија на обврзувачки цели во борбата против затоплувањето на Земјината атмосфера.

https://p.dw.com/p/EYOb
Лидерите од Групата Г8 во ТојакоФотографија: AP

Само шест месеци пред заминувањето од претседателската функција Џорџ Буш се согласи на самитот на Групата Г8 во Јапонија испуштањето на штетните гасови да се намали за половината до 2050-та година.

Компромисот на полето на заштитата на климата беше оценет како голем успех. Како францускиот претседател Николас Саркози, така и италијанскиот премиер Силвио Берлускони оценија дека станува збор за задоволувачко решение. Американската делегација на самитот оцени дури дека станува збор за извонредно добар заклочок на самитот на Г8. Познавачите на приликите сметаат дека Џорџ Буш со оваа отстапка сакал пред заминување од функцијата да го порави својот имиџ на полето на заштитата на климата. Двајцата главни кандидати за него наследник на функцијата, сенаторите Обама и Меккеин најавија готовност за поамбициозни цели на полето на климата.

Невладините организации критизираат дека ваквиот компромис не е доволен за да се спречи промената на климата. Потребно е овие цели да се остварат до 2020-та, а до 2050-та се неопходни од 50 до 80% помалку штетни гасови, нагласуваат тие.

Позиција за Конференцијата во Копенхаген

Групата Г8 има намера со денеска постигнатиот компромис на ова поле да настапи на конференцијата на ОН за заштита на климата што догодина ќе се одржи во Копенхаген. Таму треба да се потпише договор што ќе го замени оној од Кјото, кому му истекува важноста во 2012-та. Буш во Тојако меѓутоа побара со ваквите цели да се сложат и да се обврзат и новите индустрски сили како Кина и Индија. Во спротивно и САД нема да се придржуваат до нив, порача претседателот на заминување. Кина и Индија, како и Мексико, Бразил и Јужна Африка се поканети утре на последниот ден од самитот во Тојако. На средбата ќе се видат првите реакции на тамошните влади на договорените цели за заштита на климата.

Три симултани кризи

Климатската криза меѓутоа не е единствена, порача генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун:


„Светот е соочен со три паралелни кризи, она со цената на прехрамбените производи, со климатската и со развојната криза. Тие три кризи се длабоко меѓусебно поврзани и треба така и да се третираат.“

Што се однесува до кризата со прехрамбените производи, Групата Г8 се залага за помош на сиромашните земји да ги развијат понатаму сопствените земјоделски капацитети. Во врска со растечките цени на нафтата, Групата Г8 се договори да вложува во проширување на производството на нафта. Освен тоа треба да се свика конференција на која ќе учествуваат земјите производители и потрошувачи. Конечно, што се однесува до инфлацијата, која е тесно поврзана со покачувањето на цената на нафтата и нафтените деривати, Групата Г8 има намера да преземе координирани мерки за намалување на инфлаторниот притисок врз светското стопанство. Тие конечно се заложија и за поттикнување на преговорите во рамките на Светската трговска организација.