1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Проблематичното дете на Европа се вика... Франција!

Јохана Шмелер / Елизабета М. Фиданоска18 ноември 2013

На француската економија и‘ оди лошо. На некогаш силниот државен организам му попуштаат економските органи - индустријата, пазарот на работна сила и социјалниот систем. Тие се хронично болни, но не се неизлечиви!

https://p.dw.com/p/1AKAs
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Allez, les bleus“ (Напред сини!, н.з.) - така Французите ја бодрат својата репрезентација. Но, во моментов за многу нешта се прашува германскиот сосед. Дали може уште и ако да, колку? „Ça va, les bleus?“ (Што се случува сини?, н.з.) Рејтинг агенцијата Стандард и Пурс неодамна го намали бонитетот на „големата нација“. Највисоката оценка земјата ја загуби уште пред една година. Во извештајот на рејтинг агенцијата се вели дека започнатите реформи со голема веројатност нема да придонесат за среднорочна стабилизација на француското стопанство. И‘ се заканува ли на Европа втора Шпанија?

Францускиот јазол на проблеми

Ваква констатација би била претерана. „Франција не попусто е петта по јачина економија на светот и втора во Европа“, вели Хенрик Утерведе, од Германско-францускиот институт. Но, тој истовремено со загриженост гледа во насока на запад, зашто „на француската економија и‘ оди лошо“.

Индустријата е приклештена од меѓунардната конкуренција, невработенста кај младите е висока како никогаш порано, социјалниот систем ги има достигнато своите граници, а неопходните реформи се одолговлекуваат. „Владата е соочена со јазол на проблеми. Тоа го отежнува брзото и убедливо дејствување“, вели Утерведе за Дојче веле. Падот на француската економија е нешто што доаѓа по десет години проблеми, па дотолку потешко е сега организамот да оздрави.

Peugeot Citroen Werk in Aulnay sous Bois
Пежо - производи за широки народни маси, наместо лускузни возилаФотографија: AP

„Со падот на рејтингот се оценува дека реформските напори во изминатата година не биле доволни“, вели Фредерик Шефер, уредник во францускиот економски весник „Ехо“. „Од друга страна, тоа е казна за високиот државен дефицит. Француското државно задолжување изнесува 53% од брутодомашниот производ и е едно од највисоките во Европа“.

Франција повеќе пати ги кршеше Мастришките критериуми за буџетски дефицит кој не смее да ја мине границата од 3%. Годинава дефицитот изнесува околу 4%. Контрамерка на новото задолжување досега беше зголемувањето даноци. Од 2015 година би требало да се намалат државните издатоци, па се очекува новото задолжување да ја достигне границата од 3%. Но, Стандард и Пурс ја доведува под знак прашање токму ваквата цел и оценува дека е „неверојатно“ оти француската влада ќе биде во состојба да го намали државниот дефицит.

Слабости на индустријата

Економското постигнување е слабо и поради слабата конкурентност на француските производи. „Претпријатијата често произведуваат пребанални производи“, оценува Утерведе. Се‘ додека претпријатијата имаат мала добивка, не можат да вложуваат средства за истражувања и технологии и да вадат на пазарот иновативни производи. Освен тоа, за фирмите се голем товар и придонесите на плати. Социјалниот систем во моментов има кумулиран дефицит од 25 милијарди евра.

Großkundgebung gegen Jobverlust in der Bretagne
Протести против реформите на пазарот на работна сила во БретањаФотографија: AFP/Getty Images

Кратења за осигурениците би значеле намалување на нивната куповна моќ, а токму потрошувачката игра важна улога за стабилизација на француската економија.

Стапката на невработеност во Франција изнесува 11%. Стандард и Пурс претпоставува дека до 2016 година стапката на невработени нема да падне под 10%.

„Невработеноста кај младите е двапати повисока“, потенцира Фредерик Шефер, додавајќи: „Во тој дел се концентрираат најголемиот дел од политичките мерки. Од летото се бележи благо намалување на невработеноста на младите, но реформите се многу скапи и се поставува прашањето - дали се тие одржливи?“

Proteste Rentenreform Frankreich
Демонстрации против реформи на пензискиот систем во ПаризФотографија: Reuters

Хенрик Утерведе сепак претпазливо оценува дека реформите се „камен темелник“ во француската историја, зашто првпат во процесот на подготвување и донесување на законите се вклучени тарифните партнери. „Ако Оланд продолжи на овој пат и додаде уште две-три други реформи, како во делот на социјалното осигурување, тогаш Франција би можела повторно да фати чекор“, прогнозира тој.

Интересно е што меѓународните финансиски пазари досега речиси и не реагираа на намалување на рејтингот на Франција. Земјата се‘ уште може да позајмува пари по релативно поволни камати, но како што вели Утерведе, „само затоа што во Европа, покрај германските државни обврзници, речиси и нема други обврзници кои важат за сигурни“.