1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Проблемот со името е унилатерален, не на меѓународната заедница

Горан Петрески 9 јули 2008

Македонија не треба да направи дополнителни отстапки во спорот за името со Грција, туку напротив мора да се изврши притисок врз Атина да го смени својот став, вели Џејсон Мико, политички аналитичар во интервју за ДВ.

https://p.dw.com/p/EZ5q
Знамето на Македонија пред владата во СкопјеФотографија: AP

ДВ: Г-не Мико, Вие сте познат македонски лобист. Каде е сега Македонија на патот кон европската интеграција?

Џејсон Мико: Во моментов, Македонија е на одличен пат кон европската интеграција. Владата на Република Македонија соработува со Европската унија на секое ниво, работи на неопходните реформи со цел да влезе во ЕУ и, според мене, има многу добро ниво на соработка со сите сектори во рамките на ЕУ.

Кои би можеле да бидат најголемите проблеми за евроатланските интегративни процеси?

Грција.

Имате идеја како да се реши овој проблем?

Мора да се изврши притисок врз Грција со цел да го смени својот став. Правилата, онакви какви што се сега во ЕУ и НАТО, диктираат дека оној што е во клубот може да го „шета“ оној што е надвор од него. Јас верувам дека Грција треба да се притисне повеќе за да го смени својот став, или, правилата во обете организации мора да се променат.

Мислите ли дека и Македонија треба да направи дополнителни отстапки кон Грција?

Воопшто не. Грција го започна проблемот, ова не е проблем на Македонија, ова е унилатерален спор, а не билатерален и мултилатерален спор. Грција го почна овој проблем одамна и таа треба или да го реши, или да отстапи.

Има ли нешто демократско кога една земја е уценувана за да го смени името за да влезе во ЕУ и НАТО?

Тоа не го прави една зрела демократија, а Грција многу сака да му кажува на светот дека е најстарата демократија во регионот. За Грција, една од најголемите приматели на помошта од ЕУ... 4,5 милијарди евра лани, што е 3,3 % од нејзиниот БДП и една од првите и најстарите членки на НАТО, да блокира помал сосед е срамота и погрешно.

Но, Грција има сила, моќ и е со намера да го направи ова. Како да се реши ова, кога меѓунардоната заедница е на грчка страна? Зошто?

Не се согласувам, сметам дека меѓународната заедница е на страната на Македонија. Како доказ е фактот што, Кина и Русија, три од постојаните членки на Советот за безбедност на ОН, а признаа Република Македонија. Уште 120 земји членки на ОН, исто така. Сите се согласни дека, да цитирам еден американски дипломт „ова е најглупавото крупно прашање во светот“. Сите знаат дека Грција не е во право, и сепак, сите признаваат дека и е многу тешко на меѓународната заедница да и се спротивстави на Грција. Како и да е, мислам дека наскоро меѓународната заедница ќе почне да се соочува со Грција, не само по ова прашање, туку и за малцинствата во Грција.

Ќе има ли промени во политиката на Вашингтон кон Македонија и спорот за името со доаѓањето на новата влада?

Зависи кого ќе го изберат, дали ќе биде Обама или МекКејн.

Мислам дека Џон МекКејн, како Републиканец, отворено е на страната на Македонија додека Обама, барем во моментов, за време на кампањата, купен и платен од грчкото лоби. Вели дека ги гледа обете страни во спорот, но јасно е дека не ја гледа македонската страна. Многумина сакаат да допрат до него, да го натераат да ја погледне македонската страна во спорот. Ќе видиме, но нема да му биде лесно да ја смени политиката. Тоа е можно, но ќе треба да видиме.

Што очекувате од новата владина коалиција во Македонија?

Работни места и пораст. Мислам дека кампањата на ВМРО ДПМНЕ беше насочена кон отворање работни места и пораст како и општата благосостојба, што го правеа и во минатите две години. Во 2007-та порастот изнесуваше 5,2%, 5,1% во првата четвртина од оваа година. Ако ги имате тие бројки очигледно е дека некој прави нешто како што треба, посебно во споредба со САД и многу земји на ЕУ. Очекувам да останат на таа патека.

Но во исто време има и голема инфлација...

Има голема инфлација во Македонија, но и насекаде во светот, тоа е заради факти што се вон контрола на Македонија. Развојот на Кина, на Индија, кризата со недвижниот имот во САД и во Европа, кредитната криза во светот, цените на нафтата, металите и др, сето тоа придонесе кон оваа инфлација, а ние живееме во глобална економија и не може многу да се стори околу тоа од страна на помалите земји.

Како ќе функционираат на решавањето меѓуетнички проблеми?

Тоа треба тие да го решат, не знам.

Што очекувате, што мислите?

Се надевам дека, во зависност во што е проблемот, ако е прашањето знамето, химната или јазикот..тоа не се јаде. Не носи храна на масата. Најважните прашања во Македонија се работните места и порастот. Отворањето нови работни места, благостостојбата, да можат луѓето да ги нахранат своите семејства, да имаат пристојна работа, да одат на одмор еднаш годишно, да ги праќаат децата на училиште... Тоа е важно за Македонците, за Албанците, Бошњаците, Турците, Србите...сите. Тоа е проблемот.

Мислите дека албанското прашање во Македонија е решено?

Се надевам дека одговорните луѓе, од какво и да се потекло, ќе ги сфатат важните работи. Тие се исти како за луѓето овде, така и за оние во САД, Исланд, Јапонија, Кенија. Тоа се работните места, храната на масата, и да се прави тоа во безбедна средина, да се испратат децата на училиште и да се оди еднаш годишно на одмор, тоа е најважно. Се’ додека сите се согалсуваат за тоа, мислам дека можеме да тргнеме напред и дека земјата ќе напредува. Знам дека ќе биде така, плимата ги крева сите бродови. Ако имаат сите добри работни места, останатите прашања полесно се решаваат.

Сте чуле за некои темни сценарија, дека Македонија ќе исчезне од мапата ако не влезе во НАТО? Албанците можеби ќе излезат на рефереднум и ќе речат дека сакаат да живеат во земја членка на НАТО?

Сум чул многу темни сценарија. Омиленото ми е дека светот ќе пропадне на 21 декември 2012-та, кога ќе истече календарот на Маите. Дали тоа ќе се случи? Веројанто не. Тоа се ефтини, петпаречки сценарија. Идејата дека албанското население во Македонија ќе се побуни зашто Македонија не е во НАТО, мислам дека нема да се случи. Верувам и се надевам дека албанските лидери се поодговорни од тоа. Ако очајно сакаат да се во НАТО, има две опции: можат да го освојат премиерското или претседателското место и да ја сменат политиката на Македонија во однос на името, или да се преселат во друга земја.

САД е докажан партнер на Макеоднија, но не стана лобист на земјата, како на пример за Косово. Зошто?

Мислам дека е тоа длабоко и поголемо прашање, одошто имаме време за дискусија. Тоа е поврзано со глобалната војна против тероризмот, со правото на САД за самоопределување, со поголемо прашање, како Ирак. Многу е сложено и комплексно.

Како гледате на регоинот по 10-20 години?

За 10-20 години очекувам сите земји да бидат во Европа, ЕУ и НАТО, ако овие организации продолжат да постојат.

Очекувате да постојат?

Секако! Тоа е половина одговор, нели?