1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Провокативна божикна елка?

АТ/ дапд/ афп23 декември 2012

И покрај можноста од воена реакција Јужнокорејците поставија огромна божикна елка на границата со Северна Кореја. Жителите стравуваат од одмазничка акција на северот.

https://p.dw.com/p/178Dj
Фотографија: K.Jae-Myung/AFP/Getty Images

На границата меѓу двете Кореи годинава повторно свети божикна елка накитена со илјадници светилки. Според информации на Министерството за одбрана во Сеул, христијански активисти добиле дозвола да ја осветлат со светилки големата челична кула во форма на дрво до 2. јануари. Кулата стои на еден рид во Јужна Кореја, оддалечена само неколку километри од воено обезбедуваната линија на прекин на огнот. Таа може да се види од еден севернокорејски пограничен град.

Северна Кореја: „Водење психолошка војна“

Осиромашената Северна Кореја, во која населението постојано се соочува со прекин на струјата, сличните акции во минатото постојано ги оценуваше како провокација и „психолошко водење војна“ и се закануваше со одмазда. Жителите во Јужна Кореја затоа стравуваат од воена реакција на северот. „Сите жители овде треперат од страв, се’ додека светлечката кула е тука“, го пренесува новинската агенција Јонхап соопштението на група граѓани.

Божикните светлечки акции на границата беа редовен спектакл од 1998 година до пред да започне политиката на приближување на Јужна кон Северна Кореја. Во 2004 година двете страни официјално се обврзаа да прекинат прекуграничните пропагандни акции, по што прекинаа и божикните акции на југот.

Меѓутоа откако Северна Кореја во 2010 година стрелаше врз јужнокорејски остров, тие повторно се обновени. Требаше да се одржи и мината година, но со гестот на помирување беше откажана кратко пред Божик поради смртта на долгогодишниот властодржец Ким Јонг Ил. Владата во Пјонгјанг и‘ префрлува на Јужна Кореја дека со инсталацијата на христијанско дрво сака да ги преврати луѓето во Северна Кореја.

Во последено време повторно се заострија меѓународните односи со Северна Кореја. И покрај протестите земјата на средината на месецов лансираше ракета за според сопствени наводи да испрати во вселената сателит за научни цели. Западот се сомнева дека зад тоа се крие тест за севернокорејската атомска програма, што не е дозволено.

И покрај тоа што корејската војна заврши во 1953 година Северот и Југот на полуостровот формално и натаму се во воена состојба. Тогаш беше договорено само примирје.