1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Продолжен рокот за извештајот за 24 декември

Катерина Блажевска7 август 2013

Поради отсуство на членови на Комисијата задолжена за расветлување нa собраниските настани од 24 декември 2012 година, неформалниот рок за усвојување на извештајот за „црниот понеделник“ е поместен за 24 август.

https://p.dw.com/p/19LDG
Фотографија: MAKFAX

За десетина дена, односно до 24 август е продолжен неформалниот рок за усогласување и усвојување на извештајот на Комисијата задолжена за расветлување нa собраниските настани од 24 декември 2012 година, велат дипломатски извори за Дојче веле. Досега како неформален рок беше утврден 14 август. Дел од членовите на Комисијата се вратија од одмор, но дел штотуку заминаа, па таа веќе две недели не може да работи во полн состав. На одмор е и надворешниот член на Комисијата, Белгиецот Петер Ванхоуте, па се смета дека со неговото доаѓање составот би бил комплетен.

„Работата е одамна завршена. Прашањето е дали членовите на Комисијата ќе ги надминат тесно-партиските визури низ кои го гледаат извештајот и дали во интерес на приоритетите на земјата ќе демонстрираат волја да го затворат ова прашање на најдобар начин и да покажат дека креираат политики на дијалог и разбирање“, велат дипломатски извори кои се добро запознати со работата на Комисијата. Тие се уверени дека со добра волја извештајот може да биде усвоен и пред крајот на дополнителниот рок. 

Балансиран извештај не значи компромис

Работата на Комисијата беше блокирана непосредно пред усвојувањето на извештајот поради спротивставени ставови на нејзините членови за одредени, според нив, „спорни формулации“. Поради тоа, претседателот Борче Давитковски се повлече од Комисијата, но тој негов чин не ги мотивираше претседателите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ да продолжат да ги усогласуваат ставовите на лидерско ниво. Комисијата стана предмет на меѓупартиски пресметки, а во оценката на Давитковски дека „извештајот е балансиран“, дел од аналитичарите препознаа обид за компромис.

Mazedonien Zwischenfall im Parlament von Skopje
Разјаснувањето на настаните од 24 декември е обврска на земјатаФотографија: MAKFAX

Комуникологот Петар Арсовски смета дека Комисијата е дизајнирана за да направи средна вредност помеѓу тврдењата на едната и другата страна.

„Вистината нема компромис, таа е една и единствена. Што значи тоа компромис помеѓу ставовите на едната и другата страна? Или е прекршен деловникот или не е. Или некој дал наредба новинарите да се исклоцаат надвор од салата или не дал. Или се прекршени Уставот и законите или не се. Тука нема компромис, нема средна вредност. На што би личело тоа во секојдневниот живот: „Трудна сум, ама малку?“, напиша тој во својата колумна.

Според други, балансиран извештај не значи компромисен или неточен извештај, туку објективно и прецизно лоцирање на одговорностите на сите инволвирани субјекти, за секој посебен сегмент од настаните. Тие сметаат дека сомнежот во објективноста на извештајот, ги спушта и мотивацијата и очекувањата токму на оние што учествуваат во неговото усвојување.

Условот не е услов

Доказот за тоа веќе пристигна. Ако претходно главен услов за опозицијата да се врати во Собранието беше расветлување на „црниот понеделник“, тоа веќе не е услов. Потврдата дојде лично од лидерот на СДСМ.

„Пратеничката група на СДСМ на 21 август се враќа со полн капацитет во Собранието, независно дали ќе има извештај од Комисијата или не. Одлуката ја донесовме заедно со пратениците. Имавме три заеднички координации со пратеничката група, последната беше заедно со Извршниот одбор, каде што преовлада нашата обврска пред граѓаните да бидеме опозиција која на јавноста ќе и‘ ги предочува погрешните потези на власта“, најави Заев.

Mazedonien Zoran Zaev Präsident der oppositionellen Partei SDSM
Заев: Ако нема извшетај, одговорноста ќе ја има властаФотографија: MIA

Според дипломатски извори, враќањето на опозицијата во Собранието е добар чекор, но не смее да биде супститут за незавршената работа на Комисијата.

„Извештајот има повеќеслојно значење, спротивно на наметнатиот и погрешен впечаток дека тој ги тангира само партиите. Тој е важен за граѓаните, за општеството, за демократијата, за законодавниот дом, за правниот поредок, за политичката култура... Затоа, односот кон извештајот не треба да се приватизира или игнорира од која било страна“, велат нашите извори.

Кој ќе биде виновен?

Иако неусвојувањето на овој извештај може да има реперкусии во извештајот на Европската комисија за Македонија, тоа се‘ уште не го вклучува алармот на домашната политичка сцена. Лидерот на СДСМ во интервју за „Утрински весник“ вината за таквиот исход ја адресира кај политичкиот опонент.

„Ние нема да прифатиме каков било извештај. Тој треба да ја испрати пораката - да не ни се повтори никогаш. Ако не е нотирано дека со бркањето на новинарите и на пратениците е прекршен Уставот, чуму ни е извештај? Драфт-верзијата која стигна како материјал за политичко усогласување од претседателот на Комисијата, Давитковски, не ги нотираше како одговорни Трајко Вељаноски, Гордана Јанкулоска или Зоран Ставрески... Баравме барем да се констатираат слабости на системот кој ги виде цел свет на 24 декември. На крајот ако нема извештај, одговорноста за последиците ќе ја има секако власта“, вели Заев.

Благородна Дулиќ, член на Комисијата од редовите на ВМРО-ДПМНЕ не сака да ја коментира ваквата изјава. 

„Јас се уште верувам и се надевам дека извештајот ќе биде усвоен. Ако имаме барем грам одговорност за иднината на земјата, треба да ја завршиме нашата обврска, во спротивно- губитник и виновник ќе биде Македонија“, вели Дулиќ.

Според нашите извори, натамошното ставање на тежишто околу прашањето дали Комисијата може да работи без претседател, е само губење на драгоцено време.