1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Продолжуваат коалиционите разговори во Грција

ЖА/дв/миа19 јуни 2012

Два дена по парламентарните избори, лидерите на грчките партии ќе ги продолжат коалиционите разговори. Андонис Самарас, претседателот на најсилната партија, Нова демократија, има рок од три дена за формирање влада.

https://p.dw.com/p/15HWI
Фотографија: dapd

Лидерот на Нова демократија Андонис Самарас, чија партија победи на изборите во неделата (17.06), вчера (18.06) се сретна со неколкумина лидери на политички партии во обид да состави коалициска влада. Нова демократија победи на предвремените повторени парламентарни избори и освои 129 места во парламентот, што сепак не е доволно сама да формира влада.

Откако лидерот на Сириза, Алексис Ципрас, категорично одби да учествува во коалициска влада со НД, Самарас се сретна со лидерот на третопласираниот ПАСОК, Евангелос Венизелос, со кого имаа исти предизборни ставови за останување на Грција во еврозоната, придржување кон меѓународните обврски и повторно преговарање за тешките мерки за штедење наметнати од ЕУ и ММФ.

По вчерашната средба со Самарас, Венизелос се‘ уште инсистираше на влада на широка коалиција, обвинувајќи го Ципрас дека се однесува неодговорно и нагласи дека преговорите мора да завршат до денеска вечер. Иако ваквиот став на Венизелос предизвика сомнеж дека ќе биде формирана влада, Самарас подоцна ги смири страстите со изјавата дека постигнал иницијален договор со Венизелос со кого и денеска ќе продолжи да разговара.

Antonis Samaras Evangelos Venizelos Treffen nach Wahlen Juni 2012
Самарас и ВенизелосФотографија: picture-alliance/dpa

Првиот човек на Нова демократија синоќа се сретна и со лидерите на Независни Грци, Панос Каменос и на Демократската левица, Фотис Кувелис.

По средбата со Самарас, Каменос изјави дека неговата партија „не може да соработува со условите што ги нуди Нова демократија“, додека Самарас го обвини Каменос дека не сака да соработува и не ја сфаќа важноста на ситуацијата и измислува секакви изговори.

Лидерот на Демократската левица Фотис Кувелис по разговорите истакна дека неговата партија нема да даде бланко чек и оти имаат услови. Тој информира дека некои од условите на неговата партија се останување во еврозоната, повторни преговори за меморандумот, враќање на минималните плати на претходното ниво и враќање на колективните договори за работниците. Самарас за средбата со Кувелис рече дека имал конструктивна дискусија со лидерот на Демократската левица и оти денеска ќе продолжат да разговараат.

Самарас најави и преговори со претставниците на т.н. тројка, од ЕУ, ЕЦБ и ММФ, со цел земјата да се изведе од „огромната невработеност и неверојатните тешкотии од кои страдаат грчките семејства“. Германската канцеларка Ангела Меркел опомена меѓутоа дека не смее да има напуштање на реформските планови.

Резултатите од изборите во Грција малку ги намалија стравувањата дека земјата ќе ја замени заедничката европска валута со драхмата. Грчкото излегување од 17-члената еврозона ќе имаше негативни последици по другите членки и ќе и‘ предизвикаше штета на американската и глобалната економија.