1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Продолжува добрата соработка меѓу Германија и Македонија

28 септември 2009

Гласањето во Германија се следеше и во германската амбасада во Скопје. Познавачите оценуваат дека нема да има промени во политиката кон Македонија и покрај смената на составот на коалиција во Берлин.

https://p.dw.com/p/JqV3
Германската амбасада во СкопјеФотографија: Petr Stojanovski

За Германците и нивните македонски пријатели изборите се убав настан, потврда на демократијата и повод да се наздрави за победникот. Во амбасадата на Сојузна Република Германија во Скопје директно се следеше објавувањето на изборните резултати. За поголема автентичност на скара се печеше традиционалниот германски колбас и се точеше пиво.

Die deutsche Botschafterin Ulrike Knotz in Skopje
Германската амбасадорка Улрике Мариа КноцФотографија: Deutsche Botschaft Skopje

Во амбасадата освен домаќините на чело со амбасадорката Урлике Кноц резултатите нестрпливо ги очекуваа голем број гости, македонски политичари, германски стипендисти, германисти и пријатели. „Добар повод да ги собереме Германците кои живеат во Македонија и сите оние кои се интересираат за Германија,“ вели Хајке Јовески од амбасадата.

Македонија треба да извлече поука од овие избори да го примени германското искуство е заеднички впечаток на гостите кои на голем екран го очекуваа прогласувањето на победникот.

Konrad Adenauer Stiftung Grafik Logo
Фондација „Конрад Аденауер“

Анри Боне од фондацијата „Конрад Аденауер“ се радуваше на добрите резултати на демохристијаните и либералите.

„Треба уште реформи за Германија и мислам дека силна ЦДУ заедно со либералите може повеќе да направи за Германија, но и за Македонија“.

Поранешниот вицепремиер за евроиинтеграции, Ивица Боцевски не очекува промена на германската политика кон Македонија по изборите. „Република Македонија има свој партнер во Германија поврзан со европската интеграција. Овојпат има освежување во германската политика бидејќи либералите, кои традиционално се залагаат за проширување на Европската унија го преземаат министерството за надворешни работи.“

Ваквата проценка на Боцевски ја потврдува германската амбасадорка Кноц во разговорот за Дојче веле: „Воопшто не очекувам дека односите меѓу Македонија и Германија ќе се променат поради тоа што нашата надворешна политика има константа“.

Германската кампања е здодевна

Пратеничката Силвана Бонева ја спореди атмосеферата на македонски и германски избори: „Ја нема таа возбуда како кај нас кога ние ги чекаме резултатите.“ Впечатокот го дели и германската амабасадорка. „Кај нас кампањата е здодевна“. Новинарот Роберт Поповски посакува наредните избори во Македонија да бидат здодевни како германските. „Добро е да ги видиме таквите избори и да ги примениме нивните искуства. Кај нас сите избори се драматични, хаотични со многу навреди подметнувања. Сите се нервозни, освен победникот и на крај има пукање на плоштадите“.

За Македонија вчерашната изборна трка за место во Бундестагот е особено значајна, главно поради две причини: блиските економски релации меѓу двете земји и силното политичко влијание на Германија во регионот.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Александра Трајковска