1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Продолжува заложничката драма во Инголштат

ЖА/дпа/афп19 август 2013

Во општинската зграда во Инголштат маж држи во заложништво две лица, а во меѓувреме го ослободи третото-заменик градоначалникот. Планираната предизборна посета на канцеларката Меркел на градот е откажана.

https://p.dw.com/p/19SNC
Фотографија: picture-alliance/dpa

Повеќе од 200 полицајци ја имаат опколено општинската зграда во баварскиот град Инголштат, каде вооружен маж сѐ уште држи во заложништво две лица. Сеп Мислбек, третиот заменик-градоначалник на баварскиот град Инголштат по преговорите е ослободен од грабнувачот, кој денеска (19.08) зеде тројца заложници во зградата на локалната власт.

„Се разбира, тој е под впечаток на она што го доживеал и морал да го истрпи утрото, но барем телесно, тој е во добра состојба“, изјави полицискиот портпарол Ханс-Петер Камерер по ослободувањето на заменикот градоначалник. На другите двајца заложници, од кои едниот се претпоставува дека е вработен на рецепција, а другиот е службеник, според сознанијата на властите, им е добро ако се земат во предвид околностите. Специјална единица се подготвува за можна интервенција.

Според првичните информации вооружениот киднапер избегал од психијатриска клиника, во која е доведен на сила, откако му била изречена пресуда за насилно однесување.

Дваесет и четири годишниот осомничен, кој е без постојано место на живеење во јули е осуден на една година и осум месеци условна казна, откако подолг временски период следел една 25-годишна службеничка во локалната власт и им се заканувал на други вработени. По изрекувањето на пресудата, тој бил подложен на психијатриско лекување и му било забрането да ги посетува и двете згради на локалната власт. Дваесет и пет годишната службеничка веројатно е една од двајцата заложници.

Канцеларката Ангела Меркел претходно ја откажа посетата на Инголштат, која денеска беше планирана како дел од нејзината предизборна кампања. Таа попладнето требаше да настапи токму пред општината заедно со баварскиот премиер Хорст Зехофер.