1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Продолжува заложничката драма во Најроби

БГ/ап/миа23 септември 2013

Кениските сили за безбедност сѐ уште не успеале да се справат со групата исламистички терористи кои се наоаѓаат во трговски центар во Најроби. Акцијата за спасување на заложниците трае, нема точни податоци за жртвите.

https://p.dw.com/p/19mDA
Фотографија: Reuters

Кениските безбедносни сили утрово презедоа нова акција против исламистичките екстремисти, кои сѐ уште се наоѓаат во трговскиот центар „Вестгејт мол“ во Најроби.

Во реонот на луксузниот шопинг центар се слушнала интензивна престрелка во траење од околу 15 минути, а потоа одекнале и три експлозии. Во текот на ноќта кениската армија соопшти дека ги изолирала напаѓачите, кои сѐ уште држат „не повеќе од 10 заложници“.

„Бројот на заложниците, кои ги држат во зградата, не е поголем од 10 лица“, изјави воениот портпарол, полковник Сајрус Огуна. Тој истакна дека не може да го прецизира точниот рок за завршување на спасувачката операција на безбедносните сили, кои се поддржани од израелски експерти за антитероризам. Се проценува дека нападот врз трговскиот центар, кој започна во саботата, го извршиле меѓу 10 и 15 екстремисти, и дека поголемиот дел од нив во меѓувреме загинале во борбите со безбедносните сили.

Повеќето заложници биле ослободени од кениските сили, кои го контролираат поголемиот дел од зградата на трговскиот центар, но властите досега не открија за колкава бројка на заложници се работи. Според најновите податоци на кенискиот Црвен крст, бројот на жртвите во нападот, кој беше извршен во саботата од страна на припадници на сомалиската исламистичка група Ал Шабаб, изнесува 68 лица. Најмалку 49 лица досега се сметаат за исчезнати.