1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Продолжува истрагата околу случајот Ел Масри

7 септември 2006

По летната пауза денеска продложи со работа анкетната комисија на Буденстагот во која се испитува и случајот Ел Масри. На листата сведоци денеска се повеќе вработени во министерствата за надворешни и внатрешни работи на Германија, а сведочеше и еден поранешен германски амбасадор во Скопје. Парламентарците ја критикуваат работата на комисијата како непрегледна.

https://p.dw.com/p/Ac3U
Калед Ел Масри
Калед Ел МасриФотографија: AP

Вернер Буркарт, поранешниот германски амбасадор во Македонија денеска сведочеше пред анкетната комисија на германскиот парламент која ја истражува работата на германската тајна служба БНД. Иако и денешната седница е затворена, агенциите јавуваат дека дипломатот Буркарт кој во Скопје беше до 2002 година, говорел за својот приватен разговор со Волф Дитрих Менгел тогашен менаџер во македонскиот телеком. Менгел е тој кој според досегашните сознанија на истрагата во јануари 2004 ја известил германската амбасада во Скопје дека е уапсен некој Германец. За сега се уште не се знае дали неговата информација е проследена и формално, и ако да, што се случувало со нејзе понатаму. Покрај поранешниот амбасадор, денеска на листата сведоци се повикани уште петмина службеници од повеќе министерства, меѓу кои е и заменик претседателот на Сојузниот криминалистички завод, Бернард Фалк како и координаторот за тајната служба во канцеларовиот кабине, Клаус Дитер Фриче. Германската влада се уште останува на ставот дека за случајот Ел Масри дознала по неговото ослободување. Ел Масри тврди дека бил киднапиран на граничниот премин во Македонија по што бил држен од македонската полиција па предаден на ЦИА и однесен во Авганистан. Анкетната комисија треба да го утврди спротивното, не дали туку од кога германските власти се запознаени со случајот.

Листата на сведоци во овој случај е многу долга и се проценува дека сослушувањето само за овој случај нема да заврши пред крајот на годинава.

Пратеникот на Зелените, Ханс Кристијан Штребеле објаснува дека комисијата има многу работа:

“Ако завршиме до средина или до крајот на следната година ќе можеме да кажеме дека сме напредувале многу бргу”.

Со оглед дека Ел Масри не е единствениот случај кој го истражува комисијата, туку тие се занимаваат и со учеството на двајца германски разузнавачи во подготовки на напади на американската војска во Ирак како и случајот на Мурат Курназ, неодамна ослободен од Гвантанамо, германските парламентарци сметаат дека нивната работа станува многу непрегледна бидејќи седниците се сведуваат само на сослушување без присуство на јавноста и постојано се отвораат нови прашања, бидејќи ионака е тешко да се одговори на прашањето кога и како тајните служби ги пречекоруваат овластувањата. Шефот на парламентарната група на либералите, Макс Штадлер, вели:

“Разбирам зошто интересот на публиката околу ова се намалува, но истовремено многу важна задача е, на пример во случајот Ел Масри, да се утврди зошто државата чини премалку кога поединци ќе западнат во машинеријата на, во овој случај некоја странска полиција или тајни служби.”