1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Продолжува „мртвата трка“ на Вердер и Шалке

29 јануари 2007

Продолжува “мртвата трка” на Вердер и Шалке Започна пролетниот дел од првенстото во фудбалската Бундеслига

https://p.dw.com/p/Aego
Диего (Вердер) во акција
Диего (Вердер) во акцијаФотографија: AP

За љубителите на фудбалот во Германија светот е повторно в ред, оти повторно се играат првенствени натпревари - започна пролетниот дел во Бундеслигата. Есенскиот првак Вердер покажа и на стартот на пролетниот дел дека нема намера да го препушти првото место. Во Бремен синоќа Вердер немаше никакви проблеми со Хановер – победата од 3 спрема 0 можеше да биде и поубедлива: “Мислам дека денеска направив грешка оти безусловно сакав да го изнудам тоа – а во такви ситуации работите одат посебно наопаку” – вели Мирослав Клозе за пеналот што не го реализира.

Но, ни тој нема причина да биде незадоволен – не постигна ниеден, но ги подготви сите три голови. Таков напаѓач би си посакал секој тренер, истакна Дитер Хакинг, тренер на Хановер: “Таа решителност, таа желба веднаш по освојувањето на топката да се тргне во напад... За нас, мислам, дека резултатот е малку превисок, но се’ на се’ за Вердер е апсолутно заслужен”. Целта на Вердер е јасна - сака да ја продолжи традицијата според која најдобриот во првиот дел најчесто бил најдобар и на крајот на првенството. “Наша цел едноставно е да бидеме прваци. Од натпревар во натпревар мораме да даваме 100 проценти од себе и потоа ќе ја оствариме целта” – вели голманот Тим Визе.

Но, иста цел има и Шалке. Тимот од Гелзенкирхен се врати како победник од тешкото гостување кај Ајтрахт и по оние 3 спрема 1 во саботата во Франкфурт барем за 24 часови беше на првото место. “Ние имаме 39 бодови, тоа се брои. Сега донесовме три од гостувањето, сметам дека е тоа решавачки чекор. Сега треба со ист елан и доследност да играме и во наредните средби” – рече тренорот на Шалке Мирко Сломка.

Вердер и Шалке имаат ист број бодови. Речиси 81 илјада гледачи во Дортмунд и милиони пред телевизисклите екрани беа сведоци како Баерн од Минхен потклекна пред домашната Борусија и по поразот од 3 спрема 2 заостанува шест бодови зад водечкиот тандем. “Јасно е дека сакаме повторно да бидеме прваци на Германија, тоа отсекогаш и го велевме. Но, вака како што денеска настапивме, нема да бидеме прваци” – самокритично оцени во петокот вечерта репрезентативецот од Баерн Филип Лам.

Штутгарт на четвртото место по поразот во Нирнберг со 4 спрема 1 е на бод зад Баерн. Петта е Херта Берлин, која го совлада Волфсбург со 2 спрема 1 иако гостите поведоа преку Бразилецот Марселињо, довчерашен диригент на тимот од главниот германски град.

На два бода зад Херта е Баер Леверкузен, кој славеше победа од 3 спрема 2 на гостувањето кај Алеманија во Ахен. “Она што ми се допадна е дека денеска ништо не можеше да не одврати од обидот 90 минути топката да ја држиме на земја, да комбинираме и секако да играме добар фудбал” – нагласи тренерот на Баер Михаел Скибе. “Немам апсолутно ништо да и’ префрлам на мојата екипа. Даде се’ од себе и мирно може да се каже дека загуби од подобар тим” – спортски прокоментира домашниот тренер Михаел Фронцек.

Од загрозените тимови големо значење за Мајнц има победата на гостувањето во Бохум со 1 спрема 0, таа претставува и големо охрабрување за тешката битка за опстанок. Во се’ понепријатна ситуација запаѓа Борусија Менхенгладбах по поразот од Енерги во Котбус со 3 спрема 1.

Хамбург може многу да жали за испуштената победа на гостувањето во Билефелд – водеше и дозволи Арминија да изедначи пред самиот крај. “Кога ’ораш‘ 90 минути и многу инвестираш, особено во одбраната - а тоа момците извонредно го направија - тогаш боли што играчите уште еднаш останаа без заслужената награда” – се жалеше тренерот на Хамбургер Томас Дол. Спротивна оцена има неговиот колега од противниќчките редови Томас фон Хесен: “Израмнвањето беше апсолутно заслужено. Мислам дека врз основа на анагажманот на тимот и борбеноста во второто полувреме ние апсолутно ги заслуживме овие 1 спрема 1”.