1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

"Проектот Европа" не е просто порамнување сметки!

11 февруари 2004
https://p.dw.com/p/AeS0
Жестоката борба за парите од буџетот на ЕУ е отворена - Европската комисија го обелодени предлог буџетот за периодот од 2007-ма до 2013-та година. На една страна се нето плаќачите, односно државите кои во ЕУ повеќе плаќаат отколку што добиваат назад во облик на субвенции. Најголем нето плаќач е Германија, и таа особено се залага за ограничување на буџетот на унијата. На другата страна се земјите кои добиваат нето и стравуваат дека со проширувањето на унијата на исток ќе добиваат помалку средства од Брисел, зашто тогаш бројот на земји кои имаат потреби од субвенции драстично расте. Коментар на Бернд Ригерт.

Комисијата планира издатоци во просек од 1,14% од брутонационалниот доход. Се закануваше дека издатоците можат да изнесуваат и 1,24%. Овие децимали зад запираката се важни, зашто во конкретни бројки, тоа за годината 2013-та прави разлика од 15 милијарди евра. Наместо 158 милијарди евра, сека комисијата бара само 143 милијарди. Тоа за нето плаќачите, кои по неуспехот на самитот околу предлог уставот, го напишаа своето познато "Писмо за штедење", е прв успех.

Комисијата направи чекор на приближување - сега на ред за придвижување се државите членки, доколку не сакаат судирот околу парите непотребно да ескалира. Нема да можат да опстојат на нивното популистичко барање - замрзнување на буџетот на еден процент од брутонационалниот доход. Кога се имаат задачи кои ЕУ самата си ги зададе со проширувањето и самосвесната надворешна политика, зголемување на буџетот е неизбежно. Или поинаку кажано: ако министрите за финансии сакаат сериозно да штедат, земјите членки мораат да си ги намалат задачите и намерите. Дали,пак, за такво нешто во моментов имаат сила, е знак прашалник.

Најголемиот дел од буџетот и натаму отпаѓа на аграрните субвенции и структурните финансии за запоставените реиони - речиси 80% од парите се слеваат во оваа гигантска машина, чија смисла во меѓувреме е доведена во прашање од страна на многу експерти и европски парламентарци. Тука, Европската комисја прави напор да го смени правецот, со тоа што, во годините по 2007-ма сака да ги зголеми дури за четирипати издатоците за образование, наука и иновации. Износот за земјоделството, пак, наспроти тоа, би останал отприлика ист, што значи релативниот удел на земјите во вкупниот буџет се намалува.

ЕУ мора да направи повеќе напор и за кратење на нејзините управни структури. Службеничкиот апарат троши околу 6% од буџетот, и ако кон тоа се додадат скриените трошоци, се доаѓа до цели 10% од буџетот или околу десет милијарди евра. Европскиот парламент, со неговите две места на заседавање - во Брисел и Стразбур, неговата управа во Луксембург и едно многу комфорно опремување, троши уште една милијарда плус.

На крајот на финансиската борба што претстои, сите 25 земји членки на унијата ќе мораат да го дадат својот амин на буџетот. Шпанија, која досега е најголем примач на средства од унијата, ќе мора да се задоволи со помалку пари. Новите членки сакаат да ги добијат своите средства за поттикнување. Полска посакува повеќе пари за аграрни субвенции. Тоа пак може да значи намалување на парите што досега ги добиваа источните германски покраини.

Ваквата борба на делење на финансиите сеуште вистински и не почнала. Таа би можела да се засили уште за време на дебатата околу уставот, каде Шпанија и Полска играат централна улога. Германскиот канцелар Шредер, повеќе од еднаш назначи дека доколку двете земји направат отстапки околу уставот, тоа би можело да им се исплати.

Во својот буџетски план, Европската комисија укажа на тоа дека "Проектот Европа" не е само модел на порамнување сметки меѓу нето плаќачите и нето примачите. Повеќе, треба да станува збор за европска солидарност и политички плусови, кои нето плаќачите би ги извлекувале од унијата. Останува надежта дека шефовите на држави и влади ќе ги имаат предвид овие зборови на вистина во времиња на кризно европско расположение.