1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пролетниот саем на книгата во Лајпциг

24 април 2008

Клучот на успехот на Саемот на книгата во Лајпциг е тоа што таму може да се најде за секого по нешто, од новели на почетници до дела на реномирани светски автори, комични книги, аудио записи, но и многу повеќе...

https://p.dw.com/p/Dnm1
Лајпциг, Саемот на книгатаФотографија: picture-alliance/ dpa

Секоја година во Германија има два саема на книгата: во есен – големиот меѓународен саем во Франкфурт и на пролет, поинтимниот саем на книгата во Лајпциг - кој на едно место ги обединува и авторите и читателите. Благодарение на барањата на публиката и позитивниот одек на издавачите во последните неколку години, четиридневниот Саем на книгата во Лајпциг, со авторските читања и многубројните настани, прерасна во најголем фестивал на литературата во Европа.

Лајпциг не се ни обидува да му конкурира на Франкфурт, но со текот на годините, саемот на книгата создаде свој идентитет, особено со познатиот концепт „Читања во Лајпциг“. За разлика од саемот во Франкфурт, којшто е воден од пазарните интереси, саемот во Лајпциг опстојува од интересот на публиката.

Децата се добредојдени

Kinder lesen auf Fußballsessel
Деца, радо читаатФотографија: picture-alliance/ dpa

Саемот на книгата, кој се организира надвор од центарот на Лајпциг, е опремен со модерни експонати каде се собираат литературните фанови. Цели одделенија од училиштата организираат изложби, родители туркаат детски колички низ ходниците, читатели во неформална атмосфера контактираат со автори на најпознатите светски бестселери. Голем дел од просториите на саемот се посветени на детските книги и комедии. Навечер, голем број читатели можат да се видат во книжарниците за книги, пријатните кафулиња или во холот на градското собрание.

Силни чувства за германската литература

Она по што Лајпциг се разликува од Франкфурт, се силните чувства кон германската литература и поривот за откривање на млади таленти. Голем број познати автори, како што е на пример Инго Шулце, го стартувале издаваштвото токму на овој саем. Шулце, како и Макс Фриш и Хајнрих Бел, се меѓу малкумината германски автори за кои има натпис во магазинот ,,Њујоркер“. „Магијата на Лајпциг е во тоа што секој може да најде по нешто за себе, без разлика дали тоа е некоја новопојавена новела или дело на светски реномиран автор“, вели Оливер Циле, раководител на саемот.

Со оглед на близината на овој град во Саксонија со централна и источна Европа, фокусот на саемот е ставен и врз странските автори и нивната промоција во Германија, со дела преведени на германски јазик. Со оглед на улогата на саемот како културен мост кон Европа, воведена е и „Награда за европско разбирање“, којашто секоја година му се доделува на некој странски автор.

Аудио книгите на саемот во Лајпциг

Buchmesse in Leipzig
Аудио книгите, привлечни за младитеФотографија: dpa

Лајпциг не само што „чита“ туку и „слуша“. Традиција, истотака, е доделувањето на ,,Херкулес“ наградата, наменета за слушателската публика. Голем број настани се случуваат околу „книгите за слушатели“. Публиката може во живо да ги слушне се уште необјавените авторски дела, со заштитени авторски права.

Лајпциг, со својата со векови долга традиција на печатење и трговија со книги, се повеќе прераснува во „Град на печатената уметност“. По втората светска војна и поделбата на Германија, Франкфурт стана дом на најголемиот светски саем на издавачката индустрија, додека Лајпциг, кој со години беше под комунистички режим, прерасна во дом на издавачите од Истокот и Западот.

Во светски рамки, Лајпциг е град кој долго време се поистоветуваше со вредностите како што се слободата на изразување и имаше водечка улога во демонстрациитре во 1989 –та година кои резултираа со пад на Берлинскиот ѕид. Градот, исто така, е познат по неговиот културен живот и оркестарот Гевандхаус.

Во времето на германското обединување во 1990-та година, издавачките куќи во Источна Германија или згаснаа или се обединија со оние од Западна Германија. Но веќе во 1991-та година, се појави Саемот на книгата во Лајпциг. Овој саем можеби никогаш нема да има толку големо влијание во светот како саемот во Франкфурт, но со сигурност може да се каже дека на него има повеќе забава.