1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пролонгирана пензија

9 ноември 2010

Невообичаено е за македонски фудбалски прилики успешно да се игра и во 37-та година од животот. Срѓан Захариевски е надвор од тие непишани норми.

https://p.dw.com/p/Q2AK
Срѓан ЗахариевскиФотографија: DW/Kalinski

Со младешка полетност го носи дресот на Тетекс од Тетово, една од водечките екипи во првенството на Македонија. Играч е за врска, но и головите му се специјалност. Беше стрелец на последните два натпревара против Шкендија и Пелистер. Срѓан Захариевски својата фудбалска долговечност ја објаснува со начинот на живеење:

„На секој натпревар го давам својот максимум и мислам дека не е никаков проблем да живеш спортски и за фудбалот, и да играш во подоцнежни години.“

Некогаш Тетекс беше силен клуб, но постепено го губеше сјајот. Од скоро се враќа во врвот на мак-фудбалот. Захариевски проценува дека со мали засилувања Тетекс ќе обезбеди излез во Европа:

„Мислам дека Тетекс со две до три засилувања во полусезоната би требало да излезе во Европа, а зошто да не ја освои и шампионската титула?“

Фудбалот да се доведе на вистинскиот пат

Тетово е горливо фудбалско подрачје, благодарение на антагонизмот меѓу навивачките групи на Тетекс и на Шкендија. Според Захариевски, треба време и закони нештата да се доведат на вистинскиот спортски пат:

Fußball Symbolbild
Захариевски жали за пропуштените шанси за македонски пласман на светско првенствоФотографија: picture-alliance/dpa

„Овде, во Македонија, фудбалот треба да се сфати поинаку. Како што гледаме секаде во светот, луѓето ги гледаат натпреварите заедно со семејствата, се забавуваат, и тоа е како празник. Кај нас е малку поинаку и треба да помине доста време тоа да се искорени.“

Захариевски играше во Силекс, во германски Штутгарт, едно време беше во Португалија, се врати во Вардар... Сепак, 22-та репрезентативни настапи му се при срце. Жали за пропуштената шанса во 90-те, за пат на светското првенство:

„Тука бевме најблиску до баражот за едно големо натпреварување. Тогашниот пораз од Литванија не‘ одалечи од баражот. Иако на тој натпревар бевме фаворити, сепак загубивме. Тоа беше најголемата шанса за пласман на некој голем турнир.“

Каква завршница Срѓан Захариевски очекува во првенството на Македонија?

„Би издвоил три-четири тимови. Најнапред Металург, бидејќи е најорганизиран тим на секое поле: од младинци и финансии, до услови за тренирање. Потоа Шкендија, која ги има скоро истите услови како Металург. По играта што ја покажуваат фаворити се Тетекс и Работнички, и тука завршува кругот на кандидати за шампионската титула.“

Автор: Златко Калински

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска