1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Промената на климата му користи на виното!?

4 јануари 2010

Вино во Франција последниве 20 години е со многу порегуларен квалитет. Во северните краеви на земјата, винарите повеќе не додаваат шеќер во виното за да се подобри квалитетот, бидејќи сонцето сега се грижи за тоа.

https://p.dw.com/p/LCEn
Фотографија: DW

Во периодот на божиќните и новогодишните празници, Французите, а не само тие, уживаа во нивните вкусни и рафинирани вина. Економската криза и намалената продажба на висококвалитетниот шампањ дозволи снижување на цените и негова достапност за пошироката јавност.

Но тема во Фрамција се‘ повеќе станува влијанието на климатските промени врз квалитетот на винското грозје и на виното.

Винарите-добитници од промената на климата

Затоплувањето на климата досега е во полза на квалитетното вино, но долгорочно гледано, географската карта на виното може драстично да се промени. Просечното глобално зголемување на температурата за само еден степен, според специјалистите, води до поместување на засадите со лозја за 150 километри на север.

„Во нашите области и посебно во аграрот, како последица на затоплувањето, лозарството е тоа што има претрпено најмногу промени во последните дваесет години, “ објаснува биоклиматологот Бернар Сеген од Францускиот национален институт за агрономија.

BdT Deutschland Weinlese hat begonnen in Südbaden
Фотографија: AP

Тоа се гледа во пораниот датум на цутењето на лозовите насади и пред се‘ преку датумот на бербата. Така, грозјето за виното Шатонеф-ди-Пап од околината на Авињон, по Втората светска војна созреваше на почетокот на октомври, денес тоа е на почетокот на септември.

„Тоа што изненадува последниве години е и промената во квалитетот, застапеноста на алкохолот, односно степенот на шеќерот во грозјето. Последниве дваесетина години не само што бербата беше порана, туку и степенот на шеќерот премина на пример од 12 на 14 степени.“ Ова, според Бернар Сеген бара промена и во техниката на производство на виното диктирано од климата.

На големо задоволство на винарите, нивното вино последниве дваесет години е со многу порегуларен квалитет. Во северните краеви на Франција, винарите повеќе не додаваат шеќер во виното за да се подобри квалитетот, бидејќи сонцето е тоа што сега се грижи за тоа.

Но, на многумина им е јасно дека е постигнат максимумот, па дури и се надминува. Во некои француски региони грозјето е зрело уште во втората половина на август. Застапеноста на шеќерот и алкохолот во вината од југот на Франција е максимална.

Веќе се размислува за мерките

Лозарите не стојат со скрстени раце и веќе размислуваат како да се спротистават на феноменот на затоплувањето. Тука предначат лозарите од југот на Франција.

Weinauktion - Flasche Bordeaux aus Mitterands Besitz
Француските винари се задоволни од квалитетот на винотоФотографија: AP

Андре Ленхард од „Шато Казенев“ во Пик-Сан-Лу е еден од тие лозари. Тој веќе започна со поместување на своите лозови засади од 150 метри надморска височина на повисоките ридови во Лангдок, на височина од 400 метри надморска височина.

„Идејата е да се најде нова земја која ќе дозволи виното да биде со многу поголема „живост“ и киселост. Убеден сум дека засадите на повисока надморска височина дозволуваат созревање на грозјето подоцна, во период кога времето е постудено, што ќе дозволи да го добијам она што го барам.“

Парцелата од три хектари, која ја засади во 2004 година, ги потврди очекувањата на Андре Ленхард.

Денес француските винари не се жалаат на затоплувањето на климата. Напротив, тоа им дозволи да имаат ретко квалитетно вино. Тие многу повеќе се жалаат на сé потешката битка со нивните конкуренти од другите делови на светот, кои благодарејќи токму на извезената француска техника за производство на француско вино, сега успешно конкурираат со француските вина и во самата Франција. Но еден ден, ако се потврди она што се најавува од климатолозите, дека до крајот на веков глобалното климатско затоплување може да достигне од 4 до 6 степени, ќе може да се пие квалитетно црвено вино од Бретања или Белгија и бело вино од Шведска. Виното што досега се произведуваше по течението на Рона и во Лангдок би го барале во Бургундија, а на бреговите на Средозменото море повеќе и не би се произведувало вино-тие ќе бидат пустински.

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Жана Ацеска