1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Промена на владата на РС, но не и на концептот

Драган Максимовиќ/ Александра Трајковска28 февруари 2013

Република Српска ја доби првата жена мандатар за состав на новата влада. Жељка Цвијановиќ, десна рака на Милорад Додик, има рок од 40 денови да состави нова влада, но се очекува таа да биде именувана уште идната седмица.

https://p.dw.com/p/17nWy
Фотографија: Vlada RS

Милорад Додик, по повеќенеделни шпекулации само го потврди она што веќе се знаеше - дека мандатар за состав на новата влада е Жељка Цвијановиќ, досегашната министерка за економски односи и регионална соработка на Република Српска (РС). Тој изрази очекување дека новата влада ќе продолжи со добрите проекти, и дека ќе продолжи да го јакне субјективитетот на Република Српска: „Сакам да и’ се заблагодарам на г-ѓа Цвијановиќ што го прифати мандатот во време во кое Република Српска бара личности кои мораат и сакаат со својот ентузијазам и знаење да ја подигнат на повисоко ниво нашата ефикасност и можност“.

Имињата се познати

Мандатарот на новата Влада Цвијановиќ рече дека е свесна за сите околности на економската криза во која ја прифаќа оваа одговорна работа и дека стратешките планирања ќе бидат определување на владата. Таа истакна дека често ќе се залага за зачувување на уставната позиција на Република Српска и лидерската улога на овој ентитет на патот на Босна и Херцеговина кон Европската унија. За новите имиња во владата, се’ уште не сакаше да зборува: „Имињата се знаат, не е точно дека се занимававме со три, четири или пет кандидати за една позиција и дека се извршени разговори од тој вид. Активностите се дефинирани во таа програма уште пред некое време, кои требаат да добијат верификација. Јас сакам да добијам верификација за таа програма и од својата партија, на органите на СНСД, партијата која ме постави на ова место“.

На именувањето на Цвијановиќ и‘ претходеше седница на Народното собрание на која е прифатена оставката на владата на Александар Џомбиќ. Во СДС освен тоа што сметаат дека порано требаше да дојде до смена на владата, со нетрпение го очекуваат експозето на новиот мандатар.

Одрекување од концептот „влада на континуитет“

Цвијановиќ работеше како наставник и професор по англиски јазик, а потоа и како асистентка во мисијата на ЕУ во Босна и Херцеговина. Беше советник на претседателот на Владата за европски интеграции и соработка со меѓународните организации, а ја изршуваше функцијата шеф на кабинетот на претседателот на Владата на Република Српска и раководеше со Единицата за координација и европски интеграции.

Слободан Поповиќ од СДП БиХ не верува дека новата влада ќе донесе нешто ново, освен, како што вели, ако се откаже да биде влада на континиутет: „Оваа власт која ќе биде избрана исто така нема шанси да успее како ни оваа досегашната, оти не се менува концептот на управување со Република Српска“.

Поголем дел од опозицијата, но и стручната јавност, смета дека суштината е во тоа дека нови импулси во владата нема да дојдат поради смена на неколку министри, туку тое е можно со промена на начинот на работа на извршната власт. Засега е сигурно дека ќе бидат променети министрите за полиција, здравство, наука и економски односи. Но за останатите решенија конечната одлука ќе ја донесе Извршниот одбор на СНСД претстојниот викенд.