1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Промоција на проекти со сатанизација на противниците

Костадин Делимитов5 март 2013

Македонија до 22 март ќе биде сведок на “блиц-криг“ кампања со директни непријателски пораки и понижувања на изборните конкуренти, проценуваат аналитичарите и комуниколозите

https://p.dw.com/p/17qnC
Фотографија: DW/Stojanovski

„На почетокот на кампањата, веќе се надзираат главните пораки на двете најголеми партии. Владеачката коалиција во основната, рекламна кампања, ќе настапува со пофалби за сработеното, со отчет, и со ветувања за иднината и за нивните програми, проекти, под мотото "Нови дела". Од друга страна, опозицијата најверојатно ќе настапи со продолжување на својата кампања за отпор, повикувајќи на незадоволство и глас за промена на генералниот курс на државата, значи ќе се судрат локална и национална кампања и порака. Паралелно, двете патии нејверојатно (веќе се гледа) во своите настапи ќе се занимаваат со директни пораки една кон друга, низ кои ќе се коментираат дневните и другите политички случувања. Во основа, оваа кампања ќе биде блиц-криг, со многу измешани чувства, пораки и тези“, смета комуникологот Петар Арсовски.

И аналитичарот Суад Мисини не очекува поинаков тек на кампањата. Заклучокот од политичкиот дискурс уште на стартот, посебно кај македонскиот политички блок според него е јасен:

„Кампањата на ВМРО ДПМНЕ е јасна, истакнување на досега сработеното и оцрнување на СДСМ. Тоа што ВМРО ДПМНЕ ќе го премолчи секако е начинот на кој се спроведени досегашните проекти на локално ниво, имајќи во предвид дека тие беа обременети со многу анекс договори, што директно упатува на коруптивни практики, како и прекршување на законот, што особено се однесува на градбата на објектите во општина Центар. Од друга страна СДСМ нема да пропушти да објаснува што е добиено од договорот кој беше постигнат со посредувањето на ЕУ, како своевидна предигра за евентуални идни парламентарни избори, ситуирајчи го токму во овој момент барањето за изборен легитимитет на локалните избори“, смета Мисини.

Да се избегнат насилства

Комбинација на промоција на локални проекти и сатанизација на политичките противници според Мисини ќе ја обележи кампањата и во албанскиот политички блок. Може да се изведат две суштински патеки по кои ќе се движат изборните настани.

„Првата е опасна. Политичкиот анимозитет е толку голем што насилството нема да биде непозната категорија, туку напротив. За некои партии влоговите се огромни, тие нема да бираат средства за да дојдат до посакуваниот резултат, иако во одредени општини како Кичево на пример, политиката прагматичност ќе надвладее. Таму ќе видиме раслојување по етничка основа и изборните постулати на партиите ќе бидат контрадикторни со оние во останатиот дел на земјата, што дефинитивно зборува за политичката недоследност. Втората е уште поважна со оглед дека во политичката понуда најмалку или воопшто ќе се зборува за она што значи фундамент и духот на локалната самоуправа. Речиси воопшто не се зборува за транспарентноста и отчетноста на локалните органи, учеството на граѓаните во носењето одлуки, транспарентноста во носењето општински буџети, урбанистички планови и заштита на правата и интересите на граѓаните“, смета Мисини.

Mazedonien Wahlen 2009
Фотографија: PETR STOJANOVSKI

Политичките карвани ќе ја крстарат Македонија до 22 март. Ден потоа е изборен молк кога граѓаните ќе можат да здивнат пред да го дадат својот глас на денот на изборите, 24 март.