1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Проневера на европски пари во Грција

Јанис Пападимитриу/ Жана Ацеска17 јули 2012

Според медиумите, во Грција од 1989. година до денес се слеале околу 90 милијарди евра од европските фондови, но значаен дел пропаднал во лошо планирани, економски бесмислени и неисплатливи или измислени проекти.

https://p.dw.com/p/15YyX
Фотографија: picture-alliance/dpa

Во еден од досега најспектакуларните, но и најспорни процеси, на 25. јуни минатата година, во Грција во втора инстанца на повеќегодишни казни затвор беа осудени деветмина професори и високи службеници на универзитетот Пантенон во Атина поради проневера. Судот оцени дека во 90-тите години тие свесно проневериле околу осум милиони евра, пари за истражувачки цели. Меѓу осудените се и реномирани личности како поранешниот ректор на Универзитетот Димитрис Констас, некогашен раководител на грчката делегација во Советот на Европа, како и вице-ректорот Панајотис Јетимис, кој докторираше во Германија, а кој пресудата ја оцени како „политички мотивирана“ и сака да ја обжали пред Европскиот суд за човекови права.

Defekte Sterne am Eurozeichen vor der EZB
Фотографија: picture alliance/dpa

Грчките медиуми повеќепати објавија пикантни детали за „Пантеонската афера“. Главниот книговодител на Универзитетот Анастасиос Куцодимитропулос си купил црвен Ферари за 27 милиони драхми (околу 80 илјади евра) од парите за истражувачка дејност, напиша уште во 2007. година весникот „Катимерини“. Десетпати повеќе проневерени пари биле потрошени за ексклузивни теписи, мермерни бањи и слично. Тоа што буџетот за истражувачка дејност на Грција, финансиран од национални средства, е на нула, раѓа сомнеж и во злоупотребата на пари добиени од ЕУ. На ова прашање грчките новинари не му дадоа речиси никакво внимание, сосем спротивно од нивните германски колеги. На прашање на весникот „Зиддојче цајтунг“ службата на ЕУ за сузбивање на измами, ОЛАФ, во ноември 2010. година одговори дека во Грција е во тек истрага поради проневера на пари од ЕУ, без желба да соопштува детали.

Очигледно проневерата на пари наменети за истражувања не била единствен случај. Во ноември 2011. година експертите на ОЛАФ известија за сомневањето за постоење картел, кој со помош на провизорни фирми и измислени истражувачки проекти ги олеснил касите за поддршка од Брисел за околу 50 милиони евра. Осомничени има во повеќе европски земји, меѓу кои Франција, Австрија и Грција. По овој повод надлежните европски служби од 2011. година се обидуваат да ги подобрат прописите за надзор за да спречат вакви злоупотреби.

Fair Trade Olivenöl PFTA in Jenin Westjordanland Mahmoud Issa
Манипулации на производителите на маслиново масло со европските субвенцииФотографија: DW/ Diana Hodali

Поради ескалирачката финансиска криза и во Грција засилено се дискутира за неправилностите или погрешните приоритети во употребата на пари од ЕУ. Според најновиот извештај на дневниот весник „Та неа“, во Грција од 1989. година до денес се слеале околу 90 милијарди евра од европските фондови, но значаен дел од оваа сума пропаднал во лошо планирани, економски бесмислени и неисплатливи или измислени проекти. Еклатантен пример се задругите на производители на маслиново масло, пред се‘ на островот Крит, известува високотиражниот Атински весник: во 80-те и 90-те години тие во Брисел постојано праќаа информации за повисоки производни количества, за да добијат соодветно повисоки субвенции.

Грчките новинари сепак не можат да испорачаат конкретен сомнеж, зашто се‘ уште не постои се‘опфатен контролен механизам при исплатата на ЕУ-аграрните субвенции. Земјоделските производители на маслиново масло навистина имаат воспоставено датотека за контрола на побарувања, но таа е раководена од самите аграрни задруги и по потреба е можеби исто така манипулурана, пишува Атински весник.