Без договор за долгот
22 ноември 2011Нема подигање на државната граница за долговите без кратења во буџетот. Тоа беше договорот од изминатото лето, кога САД во последен момент избегнаa банкрот. Со оглед на тоа што демократите и републиканците не можеa веднаш да се договорат за кратeњата беше формирана т.н. Супер комисија. Шесте републиканци и шесте демократи, членови на комисијата меѓутоа сега не постигнаа согласност. „Длабоко сме разочарани што не можевме да постигнеме над партиска согласност за намалување на дефицитот“, се вели во писмената изјава на пратеникот од редовите на републиканците Џеб Хензелинг и демократот Пети Мори.
Финансиските пазари веќе реагираа на ваквиот развој во САД. Дау џонс, Ес анд Пи 500, Дакс, сите три индекси го завршија денот со големи загуби.
„ Се чини како Вашингтон да го загубил разумот“, е заклучокот на поранешниот претседателски советник Дејвид Гргон, за американската телевизија СиЕнЕн.
„ Се игра неодговорна игра со и онака слабото американско стопанство“, дополнува политикологот Гргон.
Богатите - недопирливи?
По пропаѓањето на преговорите на САД им се заканува активирање на автоматската кочница за намалување на долговите, која би стапила во сила од јануари 2013 година. Таа предвидува до 2021 година подеднакво да се кратат социјалните програми и буџетот за одбраната во висина од по 600 милијарди долари.
Американскиот претседател Барак Обама, за ваквиот развој им ја префрли вината на републиканците. Со тоа што одбиваат да се покачи данокот за богатите, компромисот е невозможен.
„Тие опстојуваат на нивниот став да нема покачување на даноците за најбогатите Американци ниту за два проценти“ , подвлече Обама.
Тој и демократите беа подготвени на масовни штедења во областа на социјалните услуги, и се залагаа за повисоки даноци за богатите, што републиканците категорично го одбиваат.
Штедењето и даноците ќе бидат изборна тема
Последиците од непостигнувањето договор ќе ги почувствува и чувствителниот одбранбен сектор, кој за републиканците пак е речиси недопирлив.
„Не, мојата порака е едноставна, претседателот ќе каже не на секој обид на Конгресот да се повлече договорот за автоматско штедење. За секој ваков обид ќе употреби претседателско вето, се закани Обама.
И покрај сите обвинувања во насока на политичкиот противник, Обама ризикува како американски претседател да биде посочен за одговорен за бламажата околу непостигнување договор за намалување на долговите.
Експертите стравуваат дека во изборната 2012 година на САД им се заканува уште поголема политчка блокада . Се смета уште сега речиси за сигурно дека темата долгови и повисоки даноци ќе биде централна изборна тема.
Автор: Ралф Зина/ дпа/ АТ
Редактор: Симе Недевски