1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Простени долговите на 18 најсиромашни земји

12 јуни 2005

Министрите за финансии на седумте водечки индустриски нации и Русија се договорија околу простување на долговите за 18 најсиромашни земји во светот. Ваквиот договор, како што рече британскиот министер за финансии, Гордон Браун, е најобемниот досега во светската борба против сиромаштијата.

https://p.dw.com/p/AcEn
Од средбата на Г8 во Лондон
Од средбата на Г8 во ЛондонФотографија: AP

Простувањето на долговите опфаќа повеќе од 40 милијарди долари. По 18-те земји на кои долговите ќе им бидат простени веднаш, треба да следуваат и други земји, но откако во нив ќе бидат спроведени демократски реформи.

Долго време работите не изгледаа така како да министрите за финансии ќе се договорат околу простувањето на долговите. Но, британскиот министер за финансии Гордон Браун, на крајот можеше да соопшти дека е направен договор. Според неговите зборови, на 18 најсиромашни земји во светот веднаш ќе им бидат простени долговите. Голем дел од тие земји се наоѓаат во Јужна Африка. Сега ним им се простени 40 милијарди долари долг. Парите се од Светската банка, ММФ и од Банката за африкански развој.

Браун објасни дека уште 20 други држави во неколку наредни етапи би можеле исто така да профитираат од плановите на Г8. Но, за такво нешто, тие треба да спроведат демократски реформи и да се борат ефикасно против корупцијата. Според британскиот министер за финансии, вкупниот износ на простени долгови на крајот би имал обем од 55 милијарди долари.

Само земјите јужно од Сахара на меѓународните финансиски институции им се должни околу 68 милијарди долари. Богатите земји имаат намера да им стават на финансиските институции пари на располагање, како обештетување за простените долгови. Од договорот постигнат во Лондон профитираат пред се земји како Етиопија, Бенин, Буркина Фасо, Гана и Мали, но и латино-американски држави као Боливија и Гвајана.

Германскиот министер за финансии, Ханс Ајхел, го окарактеризира договорот на групата осум како историски. “ За нас решавачки е тоа што постои солидна финансиска основа за него“, изјави Ајхел во Лондон.