1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Протекционизам преку „задна врата“

Инза Вреде /дв/ Елизабета М. Фиданоска8 јули 2013

Денеска почнуваат преговорите на ЕУ и САД за трансатлантска зона на слободна трговија. Делегациите на двете страни се среќаваат во Вашингтон. Најголемата зона на слободна трговија на светот ќе има 800 милиони граѓани.

https://p.dw.com/p/193a8
Фотографија: picture-alliance/dpa

Европско-американската зона на слободна трговија треба да придонесе за поттик на растот и за отворање нови работни места. Во времиња на светска економска криза, слободните трговски зони се исклучок, не правило. Многу земји се изолираат. Според студијата на Глобал Трејд Алерт, само во последните 12 месеци се донесени над 400 нови мерки кои ја спречуваат слободната трговија во светот. Протекционизмот е присутен насекаде. Дали тоа значи крај на слободната трговија?

Неупадлив протекционизам

Од почетокот на финансиската криза идејата за слободна трговија е во тешка ситуација, зашто кога сопственото стопанство паѓа на колена, владите стремат кон тоа да ги изолираат, односно да ги заштитат своите претпријатија од конкуренција од странство. Протекционизамот е повторно на сцена, гласи резултатот од студијата на Глобал Трејд Алерт, спроведена од истражувачите на Универзитетот Сент Гален и британскиот Центар за истражување на економски политики. Глобал Трејд Алерт од 2008 година наваму секоја година дава преглед на трговските пречки воведени од страна на државите во светот.

Symbolbild Handel USA & EU
Тивко се „става рака“ врз слободната трговијаФотографија: picture-alliance/dpa

Во светот тивко се „става рака“ врз слободната трговија, се констатира во студијата. Тоа е забележливо пред се‘ од есента 2012 година, вели д-р Мартин Вермелингер, член и советник на Глобал Трејд Алерт. „Видот на протекционизам е значително променет. Поради Светската трговска организација (СТО) се‘ помалку се користат традиционалните бариери.“

СТО со години правеше напори да ја ослободи трговијата од границите. Дури и ако последната преговарачка рунда, т.н. Доха-рунда, важи за пропадната, сепак оној што воведува ограничувања како царини и слични мерки за заштита на трговијата, ризикува жалба пред СТО. Оттука, владите своите економии ги заштитуваат  на начин кој за трговските партнери, медиумите и аналитичарите не е толку провиден. На пример, се субвенционира извозот, се дава финансиска помош на претпријатијата или се воведуваат системи за поттикнување како гаранции за извоз. Новина е недавањето дозвола за миграција. „Тоа во 2012 година беше во голем подем. Во земји како Канада или азиските земји како Индија, има времени мерки, што значи за одреден период во земјата се пуштаат помал број доселеници кои би можеле во земјата да најдат работа“, вели Вермелингер за Дојче веле.

Се‘ повеќе билатерални договори

И покрај ваквите ограничувања, се‘ уште се склучуваат договори за слободна трговија, но на билатерлано ниво. Годинава би можела да биде година на раѓање на нова зона на слободна трговија меѓу ЕУ и САД. И тоа е нешто, откако пропадна Доха-рундата, оценува Илја Нотхагел, експерт за надворешно-трговско работење од Германската трговска и индустриска комора (ДИХК). „Во моментов е многу тешко да се постигне напредок на мултилатерално ниво. Во таков случај, подобро билатерален напредок отколку ништо.“

Symbolbild Europa Wirtschaft Export
Видот на протекционизам е променетФотографија: Fotolia

Вермелингер на ова гледа поинаку. Тој смета дека билатералните договори за слободна трговија, доколку воопшто имаат ефект, имаат во најдобар случај регионален ефект. „Билатералните договори се еден вид протекционизам наспроти земјите кои не се партнери во договорот.“. Така, претпријатијата од земји кои не се дел од договорот се истиснуваат од пазарот, иако би можеле да лиферуваат можеби подобри производи, оценува Вермелингер.

Страдаат големите земји

Поглед во статистиката - само во последните 12 месеци во светот се донесени 141 мерка за поттик на трговијата. Наспроти тоа, има 431 мерка која ја ограничува трговијата, а уште 183 такви мерки се во подготовка, констатира Глобал Трејд Алерт. Овие ограничувања се одразуваат пред се‘ на големите трговски нации, а тоа се членките на Групата 20. Глобал Трејд Алерт не дава прецизен податок колку протекционизмот ја ограничува трговијата, но се оценува дека Кина е најчесто погодена од вакви мерки. Често погодени се и САД, но и европските земји - Германија, Франција, Италија.

Symbolbild Wirtschaft Export Wachstum Globalisierung
Фотографија: Fotolia

„Вчудовидувачки е што најголемите земји во светот се и најголеми предводници во протекционизмот. Групата 20 е одговорна за 65% од протекционистичките мерки. Истовремено, пак, тие и земјите кои се најмногу негативно погодени од протекционистички мерки“, вели Вермелингер.