1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Протестите во Киев се радикализираат

Рома Гончаренко/ Александра Трајковска20 јануари 2014

Протестите против претседателот Виктор Јанукович вчера ескалираа. При судирите во главниот град Киев имаше и повредени. Критичарите ги обвинуваат водачите на опозицијата дека потфрлиле.

https://p.dw.com/p/1AtZU
Фотографија: Reuters

Полициски автобуси кои горат, солзавец, експлозии. По повеќенеделни мирни протести против владата и претседателот на Украина Виктор Јанукович, во неделата (19.01) во Киев дојде до судир меѓу опозиционите демонстранти и полицијата.

„Постои нова динамика“, вели Андреас Умланд, политички експерт на Мохила Академијата во Киев во разговор за ДВ. Протестот не е насочен „повеќе само кон промена на владата“, туку кон „поширока смена на режимот“, значи за целосна смена на владејачката елита на земјата. Насилството станува сѐ поверојатно.

Претседателот Виктор Јанукович во меѓувреме очигледно е подготвен на дијалог со критичарите на владата. Тој се согласил да се формира заедничка комисија за решавање на кризата, објави водачот на опозицијата Витали Кличко по средбата со Јанукович.

Ситуацијата во Украина беше тензична уште пред последните судири. Пред неколку денови судот забрани демонстрации во центарот на Киев до средината на март. Од ноември 2013. година таму протестираат десетици илјади луѓе против прорускиот курс на претседателот Јанукович. Протестите ги предизвика неговата одлука да го замрзне Договорот за асоцијација и стаблизација со ЕУ.

Proteste in Kiew 20.01.2014
Фотографија: Reuters

Протест против забраната за собирање

Изминатиот четврток парламентот усвои повеќе закони кои го органичуваат правото на демонстрации. Според нив на активистите на протестите им се закануваат долгогодишни затворски казни поради „екстремизам“. На социјалните мрежи потоа се коментираше дека парламентот ја минал црвената линија. И покрај ваквите забрани вчера десетици илјади излегоа на плоштадот на независноста Мајдан за да протестираат против новите закони. Според украинската опозиција на протести излегле 500.000 демонстранти, додека меѓународните новински агенции известуваат за 100.000 до 200.000 демонстранти.

Според очевидци, стотици активисти се обиделе да продрат во блокираниот владин кварт. Дошло до судири со специјалните единици на украинската полиција, во кои има повеќе десетици повредени на двете страни.

„Опозијата нема што да им понуди на луѓето“

Некои од критичарите сметаат дека за ескалацијата се соодговорни и водачите на опозицијата. Опозицијата немала јасен план и била неспособна, да постигне согласност за еден водач на протестите. Обвинувањето е насочено кон Арсениј Јазенјук, шефот на фракцијата на партијата Татковина на поранешната премиерка Јулија Тимошенко, кон светскиот првак во бокс Витали Кличко од партијата Удар и кон Олех Тјахнибок, лидер на деснопопулистичката партија Слобода. Во неделата Јазенјук повторно одби да се утврди еден водач. Водач е украинскиот народ, рече тој на Мајдан.

„Сигурно, и опозицијата потфрли“, смета Герхард Симон, експерт за Источна Европа на универзитетот во Келн. „Таа на луѓето кои недела за недела доаѓаат на Мајдан нема нешто реално што може да им го понуди“. Барањата за оставка на владата не може да се спроведат, вели Симон.

Ukraine Demonstration Kiew
Фотографија: Reuters/Gleb Garanich

Несогласувањето меѓу опозицијата се навести уште изминатите денови. Поранешниот министер за внатрешни работи Јури Луценко ги повика Украинците на „Јуриш врз владејачката банда“. „Нема што да се загуби“, напиша Луценко на неговиот блог на Фејсбук. Овој политичар, кој не припаѓа на ниедна партија, до денес е најпознатиот опозиционер кој де факто повика на насилен бунт против претседателот. Парламентарната опозиција напротив нагласува дека е против насилство.

Ултиматумот на опозицијата истекува

Наредните денови се очекува ситуацијата да остане тензична. Опозицијата повика на штрајк во целата земја. Вакви повици имаше и во изминатите недели, но тие не беа спроведени.

Масовните протести против владата се одржуваат во главниот град Киев, додека во другите градови се собираат само по неколку стотици демонстранти. Во густо населните источни и јужни региони на земјата и натаму мнозинството Украинци стојат зад претседателот Јанукович и неговата политика. Само во западна Украина илјадници излегуваат на улица.

В среда (22.01) истекува ултиматумот, кој опозицијата му го постави на претседателот на 7. јануари. Еден од условите беше оставка на владата. Еден од водачите на опозицијата, Арсениј Јазенјук, се закани со демонстрации пред претседателската палата во случај барањата да не бидат исполнети.