Протестите во Сирија повторно задушени
29 октомври 2011Во Хомс, седиштето на протестното движење во Сирија бил насилно растурен протестен марш на околу 20.000 луѓе, при што биле убиени 20 цивили, јавува канцеларијата за набљудување на човековите права во Сирија.
Канцеларијата за набљудување во Лондон јавува дека во централно сирискиот град Хама биле убиени 12 цивили од страна на силите за безбедност. Според нив во градот имало и вооружена пресметка со веројатно дезертери на армијата. Исто така во Кусеир во регионот Хомс и во регионот Идлеб биле убиени по еден цивил. Уште две жртви биле регистрирани во Тсил во јужната провинција Дара. Ширум земјата биле уапсени 500 лица, соопшти канцеларијата за набљудување.
Комитет на Арапската лига вчера го осуди „перманентното убивање цивили“ и го повика претседателот Башар ел Асад да се заложи за заштита на цивилите. Комитетот во средата во Дамаск се сретна со Асад, а утре треба да оствари средба со сириските претставници во Катар, за да се изнајде излез од сириската криза.
Портпарол на Министерството за надворешни работи во Берлин изрази загриженост по последниот бран насилство во Сирија. „Меѓународниот политички притисоок мора уште еднаш значитено да се зголеми, за сирискиот режим конечно да го смени курсот“, појасни портпаролот.
Противниците на сириската влада, на нивната страница на Фејсбук вчера повикаа да се излезе на улица за да се воведе зона за забрана за летови, слично како во Либија. Забраната за летови, која би ја вовела меѓународната заединица, би требало да и овозможи на „Слободната армија на Сирија“ да преземе акции против силите за безбедност на претседателот Башар ел Асад, се вели во објавата. Т.н. Слободна армија на Сирија е вооружена опозициска група. Војниците дезертери во јуни годинава објавија дека е формирана оваа група.
Според податоците на опозициските локални комитети за координација, кои играат важна улога во организација на протестите, силите за безбедност опколиле повеќе џамии во центарот на главниот град Дамаск, за да спречат протести по петочната молитва. Во Дамаск досега речиси не се одржуваа протести. Според податоци на ОН, од почетокот на протестите на средината на март биле убиени околу 3.000 луѓе, повеќето од нив цивили.
Автор: АТ/ афп/ ројтерс
Редактор: Борис Георгиевски