1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Протестите во Словенија ескалираат

Б. Георгиевски/ројтерс/афп4 декември 2012

Најмалку 12 луѓе биле повредени по синоќешните (03.12) нови протести против градоначалникот на Марибор. Демонстрантите бараат оставка од градоначалникот, но во позадина е и револтот против владините мерки за штедење.

https://p.dw.com/p/16vMG

Полицијата соопшти дека уапсила повеќе од 40 лица откако дел 10-илјадната маса демонстранти почнала да ги напаѓа зградата на општината и полицијата. Демонстрантите барале оставка од градоначалникот Франц Канглер кој е обвинет за корупција.

Канглер во ноември годинава беше исфрлен од Словенечката Народна Партија, која е помал партнер во владејачката коалиција на премиерот Јанез Јанша, но одбива да даде оставка на функцијата.

Демонстрантите, кои се организираа преку Фејсбук, протестираа и во пет други градови во земјата, меѓу кои и главниот град Љубљана, но таму протестите минаа мирно. Се протестираше дури и на денот на вториот круг на претседателските избори, во неделата.

Промени во системот

Незадоволните граѓани велат дека изборот на социјалдемократот Борут Пахор на церемонијалната претседателска функција нема да ги подобри условите во земјата која е тешко погодена од финансиската криза поради својата зависност од извоз.

„Бараме длабоки промени во општеството, а не промени на имињата на лидерите. Потребни ни се промени во банкарскиот систем, во системот на демократија и во социјалните права“, вели Асја, студент по филозофија која беше дел од протестите во Љубљана.

Словенија, која и‘ се приклучи на ЕУ во 2007 година, се бори да избегне банкрот откако беше погодена од висока рецесија, зголемување на невработеноста и неликвидност на банките.

Slowenien Wahl Borut Pahor
Борут ПахорФотографија: Reuters

Владата планира мерки за штедење со кои би се намалиле платите во јавниот сектор, кратење на социјалните права и зголемување на возраста за одење во пензија, за да го намали огромниот буџетски дефицит.

Аналитичарите велат дека протестите дополнително го влошуваат имиџот на Словенија како потенцијално нестабилна држава.

„Бизнисмените велат дека нивните партнери во странство веќе се загрижени поради протестите. Очекувам Канглер наскоро да поднесе оставка што би можело да ги смири демонстрантите“, вели за Ројтерс Борут Хочевар, аналитичар во весникот „Финансии“.