1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Протести во Иран по реизборот на Ахмадинеџад

14 јуни 2009

По реизборот на ултраконзервативниот ирански претседател, Махмуд Ахмадинеџад, во главниот град Техеран дојде до најтешките судири во последните децении. Опозицијата не ги признава резултатите од изборите.

https://p.dw.com/p/I92v
Судири меѓу полицијата и демонстрантитеФотографија: AP

Во главниот ирански град Техеран по претседателските избори дојде до најтешките немири по Исламската револуција пред 30 години, повеќе луѓе се повредени, а многу се уапсени. Меѓу нив е и генералниот секретар на „Фронот за партиципација“, Мохсен Мирдамади, близок на поранешниот претседател Мохамед Хатами, кој пред изборите на граѓаните им советуваше да гласаат за противкандидатот на Ахмадинеџад, Мир Хусеин Мусави.

Делумно насилни протести

Неколку илјади приврзеници на умерено-конзервативниот претседателски кандидат Мир Хусеин Мусави протестираа на улиците на Техеран против, како што тврдат, изборна измама. Демонстрантите поставија барикади и запалија контејнери со отпадоци, а полицијата употреби електрични палки. При протестите во Техаран демонстрантите извикувале „Смрт за диктаторот“. Мусави не ја признава победата на актуелниот претседател Махмуд Ахмадинеџад и тврди дека власта ги фалсификувала изборите. Мусави ги повика своите приврзеници да се воздржат од насилство. Според официјалните резултати, Ахмадинеџад е реизбран со освоени 63 проценти од гласовите, а Мусави добил 34 проценти.

Iran Wahlen Mahmud Ahmadinedschad nach Stimmabgabe in Teheran
Махмуд АхмадинеџадФотографија: AP

Поранешниот претседател Мохамед Хатами побара повторување на гласањето, поради изборната измама. Духовниот водач на земјата, ајатолахот Али Камнеи, ги повика Иранците да застанат зад претседателот. Ахмадинеџад во говор до нацијата својата победа ја нарече „голема“, тврдеше дека изборите течеле целосно слободно.

Proteste nach der Präsidentenwahl im Iran
Фотографија: AP

Реакции во странство

ЕУ изрази загриженост поради наводните неправилности на претседателските избори во Иран и поради безредијата во Техеран. Чешкото претседателство со Унијата истовремено побара од Иран повторно да ги продолжи разговорите околу неговата спорна атомска програма. САД воздржано реагираат на резултатите од претседателските избори во Иран. Американската влада ја следи ситуацијата во Иран и се надева дека исходот од изборите ја изразува волјата на народот, изјави американската министерка за надворешни работи Хилари Клинтон.

ЖА/дпа/афп/ројтерс/дв