1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Протести во Сирија по говорот на Асад

20 јуни 2011

Илјадници луѓе излегоа на протести во повеќе градови во Сирија во кои го отфрлија последното обраќање до нацијата на претседателот Башар Ал Асад . Тој пак истакна дека нема да има реформи во земјата додека трае хаосот.

https://p.dw.com/p/11fau
Сирискиот претседател Асад за време на денешното обраќање до нацијатаФотографија: dapd/Syrian TV

„Нема дијалог со убијци“ извикуваа стотици демонстрантите кои се собраа во едно предградие на сирискиот главен град Дамаск, по последното обраќање на сирискиот претседател Башар Ал Асад.

Тој одржа говор во Универзитетот во Дамаск, што беше пренесуван од државната телевизија. Ова беше негово трето обраќање до нацијата од почетокот на бунтот против неговиот режим во средината на март.

Покрај во Дамаск и во други градови во земјата на улиците излегоа бројни демонстранти незадоволни од обраќањето на Асад во кое како што истакнаа некои од нив тој не одговорил на барањата на народот за итни и сеопфатни политички промени во земјата.

Асад: Во Сирија постои заговор

Syrien Demonstrationen
Демонстрациите продолжуваатФотографија: dapd

Напротив сирискиот властодржец денеска ја отфрли можноста за реформи додека трае хаосот во земјата.

„Нема развој без стабилност, нема реформи преку саботажа и хаос. Она што некои денес го прават нема врска со реформи или со развој туку станува збор за саботажа“ изјави шефот на сириската држава.

„Секако постои заговор против Сирија“, рече Асад и во универзитетската сала каде што беше дочекан со аплауз и извици на поддршка.

Тој притоа порача дека заговорот ќе ја направи Сирија посилна и додаде дека земјата се наоѓа на пресвртница по тешките денови и изрази сочувство до семејствата на загинатите.

Башар Ал Аасад уште истакна дека водачите на заговорот се обидуваат да ги искористат легитимните барања на демонстрантите за реформи во земјата. Тој истакна дека тие претставуваат само мала група но оти чинат голема штета и дека се инфилтрирани меѓу мирните демонстранти.

ЕУ подготвена да ги засили санкциите против режимот на Асад

Продемократските активисти и демонстрантите преку протести во изминатите три месеци бараат соборување на режимот, слободни избори и укинување на надмоќта на владејачката Баас партија која е на власт во земјата повеќе од 40 години.

Во предлог-документот што во текот на денот треба да го усвојат министрите за надворешни работи на Европската унија на нивниот состанок во Луксембург се истакнува дека Унијата е подготвен да ги засили санкции кон Сирија, наведувајќи оти доверба во претседателот на Сирија, Башар ал Асад ќе зависи од тоа какви реформи тој ќе вети и како ќе ги спроведе.

Текстот на предлог-документот веќе е одобрен од претсатвниците на 27 земји-членки на Унијата во Брисел.

Според дипломатски извори продолжува работата и на експертско ниво за да може до крајот на неделата да стапат во сила новите дополнителни санкции кон Сирија.

Автор: СН/AT/афп/ртр

Редактор Жана Ацеска