1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Протести во Тунис по убиството на опозициски политичар

Б. Георгиевски/афп/дпа25 јули 2013

Ерупција на анти-владини протести попладнево во повеќе градови во Тунис, откако непознати напаѓачи застрелаа уште еден висок опозициски функционер.

https://p.dw.com/p/19EJF
Фотографија: Fethi Belaid/AFP/Getty Images

Опозицискиот политичар и остар критичар на владејачките исламисти Мохамед Брахми беше убиен утрово пред неговиот дом на југот на земјата од непознати напаѓачи.

„Тој беше изрешетан со куршуми пред очите на неговата сопруга и децата“, изјави Мохсен Набти, сопартиец на Брахми во левичарското Народно движење. Информацијата за убиството на 58-годишниот политичар беше потврдена и од министерството за внатрешни работи.

Попладнево во земјата избувнаа анти-владини протести. Стотици луѓе бараат „смена на режимот“ и извикуваат пароли против исламистите, обвинувајќи ги дека го организирале убиството на либералниот политичар. Брахми беше основач на секуларното Народно движење и член на Уставната асамблеја која го изготвува новиот Устав на земјата.

Протести се одржуваат во главниот град Тунис, и пред зградата на министерството за внатрешни работи во Сиди Бузид, родното место на Брахми, но и град од кој започна револуцијата по која беше урнат режимот на претседателот Бен Али. Според последните информации, во градот било запалено и седиштето на партијата на владејачките исламисти.

На 6. февруари годинава беше убиен и Чокри Белаид, исто така еминентен опозициски политичари и либерал. Неговото убиство предизвика жестоки протести и политичка криза во земјата, која владејачките исламисти сепак успеаја да ја исконтролираат.

Лидерот на умерената исламистичка Енахда партија, која владее во коалиција со неколку помали секуларни партии, Рашед Гануши го осуди убиството на Брахми и оцени дека тоа е дело на сили „кои сакаат да го запрат демократскиот напредок на земјата“.