1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Протести и недоверба против Владата во Атина

АТ/ афп/ дпа/ миа10 ноември 2013

Грчкиот главен град никако да се смири: Откако владата нареди да биде расчистена зградата на поранешната државна радио-телевизија, во Атина повторно врие - непосредно пред гласањето за недоверба за Владата на Самарас.

https://p.dw.com/p/1AErj
Фотографија: picture-alliance/AP Photo

При протестите против расчистувањето на поранешната грчка државна радио-телевизија ЕРТ во Атина дојде до насилни судири меѓу демонстрантите и полицијата. Повеќе стотици луѓе се обидоа да влезат во зградата на поранешната државна радио-телевизија, која полицијата ја расчисти изминатиот четврток. Од полициски кругови се вели дека демонстрантите морале да бидат одбиени со примена на сила. Меѓу демонстрантите се вели дека биле и пратеници во парламентот од левичарско-радикалната опозициона партија Сириза.

Дискусија и гласање во парламентот

Грчкиот парламент продолжува да дебатира околу барањето за гласање недоверба на Владата на премиерот Андонис Самарас поради расчистувањето на ЕРТ. Шефот на Сириза Алексис Ципрас барањето го поднесе во четвртокот само неколку часа по полициската акција.

Griechenland Räumung staatlicher Rundfunk ERT
Протести во АтинаФотографија: Reuters

Поранешни соработници на ЕРТ со месеци ја запоседнаа зградата, откако грчката државна радио-телевизија беше затворена од Владата изминатиот јуни и речиси 2.700 соработници останаа без работа. Во четвртокот утрото (07.11) специјални единици на полицијата навлегоа во зградата и ги извлекоа сите лица кои беа внатре.

Денеска доцна вечер се очекува во парламентот во Атина пратениците да се изјаснат по барањето за гласање недоверба на Владата на премиерот Самарас. Својата инцијатива опозицијата ја образложи и со продолжувањето на економската криза во која се наоѓа оваа земја на еврото.

За да се изгласа недоверба на владата мораат да гласаат 151 од 300 пратеници. Владејачките конзервативци, заедно со коалициониот партнер социјалисите располагаат со мнозинство од 155 места во парламентот.

Иако коалициската Влада на Нова демократија и Пасок, кои се на власт веќе 1,5 година имаат слабо мнозинство во парламентот, аналитичари тврдат дека нема ризик да падне Владата во момент на чекори за политичка и економска стабилизација на Грција во изминатите неколку месеци.

Сириза закажаа и демонстрации за вечерва пред парламентот поради економската политика на Владата.