Протести на годишнината од падот на Мубарак
11 февруари 2012Повикот е дел од планот на опозицијата за да се притисне војската да го забрза трансферот на моќ на цивилната администрација. Повеќе од 30 групи го поддржуваат планот и неговиот денешен почеток, на првата годишнина од повлекувањето на Хосни Мубарак од претседателската позиција, по изразениот револт на јавноста.
Муслимански и коптски свештени лица го осудија повикот за штрајк. Моќното Муслиманско братство, кое контролира 47 проценти од новоизбраниот парламент, рече дека нема да земе учество во акции што би ја загрозиле националната економија.
Режимот на Мубарак се’ уште владее
Повикот за штрајк беше упатен до универзитетите и фабриките, а местото на собирот треба да биде плоштадот Тахрир. Организаторите нагласуваат дека не се задоволни од темпото на досегашните демократски и економски промени во Египет. Спроед нив режимот на Мубарак се’ уште владее во Каиро преку Врховниот совет на Вооружените сили, кој управува со земјата по оставката на поранешниот претседател.
Државната телевизија објави дека работниците во јавниот транспорт нема да штрајкуваат, а војската информираше дека ќе распореди дополнителни трупи низ земјата за да одговори на повикот за граѓанска непослушност.
Претходно Воениот совет повторни одби предвреемено предавање на власта во рацете на цивилна влада. Во писмото на генералите, кое синоќа беше прочитано преку државната телевизија, се вели дека никогаш нема да потклекнат на закани и притисоци, ниту ќе прифатат ултиматуми.
Режимот на египетскиот претседател Хосни Мубарак, кој владееше со земјата 30 години, падна по повеќенеделните протести во кои загинаа над 300 лица.
Автор: Александар Методијев / афп/ дпа/ миа/ дв
Редкатор: Александра Трајковска