1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Протести на лозарите

12 септември 2009

Лозарите во Македонија бараат повисоки откупни цени на реколтата. Грозјето е созреано и собрано, родот почнува да скапува. Преработувачите пак сметаат дека цената е превисока, со оглед на економската криза.

https://p.dw.com/p/JdSR
Лозје во МакедонијаФотографија: dpa

Виното е еден од најизвезуваните македонски производи, дејноста е доходовна, но се чини не доволно за да го реши вечниот судир меѓу лозарите и винарите. На производителите на грозје отпкупната цена им премногу ниска, на преработувачите висока. Така е и годинава.

Треба да преживеат и лозарите и винарите

Во Тиквешкиот регион, срцето на лозарството во Македонија деновиве врие. „Состојбата е катастрофална. Оваа откупна цена не стасува ни да се покријат трошоците“, велат лозарите. Поради зголемените трошоци, бараат повисоки откупни цени од ланските и исплата на парите во рок од три месеци. Од друга страна, винариите поради светската економска криза се соочени со проблеми во пласманот и залихи од околу 50 милиони литри вино. Тие бараат Владата да им овозможи поволни кредити за да го откупат годинешниот род винско грозје. „Оваа година пред се’ треба да преживеат и лозарите и винариите, така што трендот на паѓање на цената на виното во Европа придонесува да паднат цените на виното во Македонија. Ние сме винарска визба која веќе има потпишано извозен договор за вино, нашите партнери не притискаат за пониски цени заради големата конкуренција на европскиот пазар“, вели Зоран Даневски од Џумајлија.

Weintrauben Pflege
ЛознициФотографија: AP

Аргументите и на двете страни се силни

Додека за визбите ова е година која што треба да се преброди, лозарите не сакаат да чекаат. Се жалат дека винариите со години го девалвираат нивниот труд, а надлежните не ги заштитуваат. Затоа одлучија да го бојкотираат откупот и да протестираат. „Го активираме штрајкот. Сите лозари да излезат пред нивните винарски визби и да го бојкотираат откупот.“

Weinbauer in Frankreich
ГроздоберФотографија: picture-alliance / maxppp

Ставот на надлежното министертство е дека целокупното годишно производство во 2009 треба да биде откупено, да не останат неоткупени количини на грозје. Најголем дел од тоа производство треба да заврши во македонските винарски визби. За да ги поттикнат лозарите да го предадат грозјето во домашните винарски визби и покрај отворените граници и интересот од срански винарии, македонската влада обезбеди субвенцијата од 2,5 денари за килограм грозје. Цената за откуп се движи меѓу 7 и 11 денари за килограм грозје во зависност од видот.

Министерот за земјоделство Љупчо Димовски вели дека ќе биде постигнат договор за решавање на проблемот. „Тоа беше и претходно постигнато, но се случи во исто време да се појави голем дотур на винско грозје што е грешка, доаѓа до зачепување на визбите при испорака на грозјето и не може ефикасно да се прифати и од таму е нервозата кај производителите.“

Македонија има поволна клима за развој на лозарството

Лозарството во Македонија е една од традиционалните земјоделски култури. Поднебјето, климатските и почвените услови се поволни за производство на квалитетно грозје и вино.

Weiße Weintrauben
Бело грозјеФотографија: picture-alliance

Со повеќе од 270 сончеви денови и геграфска положба на која се спојуваат и мешаат континенталната и медитеранската клима лозарството и натаму ќе биде една од водечките земјоделски гранки. Лозовите плантажи се протегаат на околу 25 илјади хектари. Просечното годишно производство на грозје се движи околу 230 илјади тони и варира во зависност од годината.

Карактеристика за македонското винарство е се’ уште големата застапеност на извозот на наливно односно вино во цистерни наспроти вино во шишиња. Анализите покажуваат дека дури 90 проценти од извозот на вино отпаѓа на наливно, кое е неколкукратно поевтино и препораките се да се работи на квалитет на дизајн на реклама и на флаширање на виното. Лозарството годишно остварува околу 30 милиони евра девизен прилив.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Александра Трајковска