1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Протести против Ирачката војна

18 март 2007

Спроти четвртата годишнина од почетокот на Ирачката војна ширум светот се одржуваат протестни акции. Најмасовни беа оние во Шпанија, каде вчера само на улиците на главниот град Мадрид (според проценката на организаторите) излегоа околу 400.000 демонстранти. Протести имаше и во Истанбул, Копенхаген, Прага, Атина, Никозија...

https://p.dw.com/p/AdsU
Дел од демонстрантите во Вашингтон
Дел од демонстрантите во ВашингтонФотографија: AP

Во САД противниците на Ирачката војна се собраа на протест пред Министерството за одбрана во Вашингтон, потсетувајќи со таквиот чин на демонстрациите кои пред околу 40 години доведоа до повлекување на американските војници од Виетнам. Кристина Бергман испрати извештај од Вашингтон за барањата на демонстрантите.

Да беше во Белата куќа претседателот Џорџ Буш секако ќе ги чуеше извиците на демонстрантите, кои бараа откажување од неговата политика во Ирак, па дури и негова оставка од функцијата.

Но, бидејќи беше во мирниот Кемп Дејвид за настаните ќе го информираат само неговите советници.

Демонстрантите прво се собраа во близината на споменикот на Виетнамската војна и од таму маршираа кон зданието на Пентагон – по истиот пат како нивните претходници, борци за мир и противници на Виетнамската војна. Дека нивниот протест ќе предизвика ист ефект како тогаш се надеваат и сегашните противници на војната. На нивна страна според анкетите се и 60% од сите американски граѓани, но претседателот Џорџ Буш не попушта, дури ни по поразот на парламентарните избори. Синдикалецот Мајкл Летвин од Њујорк смета дека и опозиционите демократи нема да ја окончаат војната:

“И сега многумина од политичарите не сакаат да и‘ ја откажат финаискста поддршка на Ирачката војна, а камоли да се подготвени да ја прекинат целосно. Но, историјата покажува дека американската влада ги повлече војниците од Виетнам поради упорниот отпор на Виетнамците од една страна и големото анти- воено движење во Америка, од друга.“

На протестите во Вашингтон им се придружија и повеќе здруженија на воени ветерани.

Но, на улица излегоа и поранешни војници и поддржувачи на војната, кои демонстрантите ги нарекуваа предавници и им подготвуваа шпалири со американски знамиња. Полицијата ги раздвои двете групи, така што протестите останаа мирни. Меѓу поддржувачите на војната беше и Карол од Њу Џерси. Нејзниот 22-годишен син е во Ирак:

“Ја поддржувам неговата мисија, војната не ја води Конгресот, туку Претседателот на државата, тој е главен командант!“

Противниците на ирачката војна беа далеку побројни и не дозволија никој и ништо га ги попречи во протестот – дури ни многу студеното време!